Достапни линкови

Стотици нови случаи во аферата „незаконски лични карти“


Сите тие гласале во Општина Центар и биле со адреси во државни станови, со што се докажува, вели министерот, дека повеќе државни институции се инволвирани во овој случај.

Министерството за внатрешни работи открило уште 424 нелегално издадени лични карти, кои припаѓале на граѓани од Пустец, Албанија, соопшти на денешната прес-конференција министерот Оливер Спасовски. Тој истакна дека сите тие гласале во Општина Центар и оти биле со адреси во државни станови, со што се докажува, вели министерот, дека повеќе државни институции се инволвирани во овој случај.

Во 2011 ги нема на избирачкиот список. Избирачкиот списокот почнува да се полни во 2013, а во 2014 се проширува и се надградува со нови лица од Пустец, додека кулминацијата на полнењето се случила во 2015 година. Власта ги сместувала гласачите од Пустец во државни станови.

„Во 2011 ги нема на избирачкиот список. Избирачкиот списокот почнува да се полни во 2013, а во 2014 се проширува и се надградува со нови лица од Пустец, додека кулминацијата на полнењето се случила во 2015 година. Власта ги сместувала гласачите од Пустец во државни станови. Скандалот со личните карти зазема огромни размери. МВР ја интензивира истрагата“, изјави Спасовски.

Министерот за внатрешни работи вели дека ќе поведе соодветни мерки против лицата кои учествувале во издавањето на незаконски лични карти, како и постапка за поништување на документите. Во разговорите со луѓето кои учествувале во целата постапка се дознало дека тие добиле наредба од своите надлежни да го сторат тоа, а дека после изборите ќе добијат и документи за покритие на тие лични карти за да бидат легално издадени, но, вели Спасовски, до денеска такви документи не биле доставени. За ова има и писмени изјави од вработените.

Спасовски ги потврди информациите во медиумите дека разрешил началници на полицијата во неколку градови, но нагласи дека тоа го сторил поради нивното лошо работење. Од својата функција сменети се началниците на СВР Скопје, Битола, Куманово, Велес и началник на СВР Охрид. Министерот вели дека им било оставено доволно време да работат професионално, но дека одредени постапки како непостапувањето при упадот на полицијата во УКИМ, нападот на новинари и слични пропусти, довело до нивна смена.

„Побарав службена белешка за настанот и бев информиран дека била повикана полиција на 192 од стана на лицето припадник на СГС како обезбедување, а не од страна на ректорот на Универзитетот“, рече Спасовски.

Тој негира дека смената се должи на тоа дека дел од сменетите помагале и при истрагата која под палката на Јавното обвинителство се водеше за откривање на Фабриката за афери.

Пред една недела Спасовски соопшти дека на 22 лица од Пустец на кои незаконски им биле издадени лични карти за да гласаат на избори. Во меѓувреме во јавноста има и друга афера поврзана со фалсификувани лични карти, за која власта тврди дека стои опозицијата. Пратениците, пак, се договорија за формирање на Анкетна комисија во Собранието која треба да работи на расчистување на аферата со личните карти.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG