Достапни линкови

Најави за работа има, а сè уште нема ни фабрика на Гентерм


Пред неполн месец, премиерот Никола Груевски најави 2.000 вработувања во фабриката на Гентерм во Прилеп, но компанијата деновиве отпушти 150 вработени зашто фабриката сè уште не е изградена.

Околу 150 вработени во Гентерм Македонија ДООЕЛ деновиве добија отказни решенија, затоа што фабриката не е изградена и во моментов нема работа. Крајно револтирани, зашто три месеци поминале на обука во Украина во мизерни услови, овие луѓе се одлучија на протест пред општинската зграда во Прилеп, да побараат одговор за нивните проблеми.

Значи, пред да заминеме во Украина ни беше ветувана постојана работа, дека кога ќе се вратиме во октомври, ноември ќе почне фабриката со работа и дека веднаш ќе бидеме повикани.
Мартина Матевска, доскорешна вработена во Гентерм.

„Да, прашавме. Дури не се изгради фабриката во март месец, при што можеме да си бараме во меѓувреме работа, ама за Божиќ, никаде нема да најдеме работа, а имаме сите фамилии овде, откажаа од работа пред тоа“, реагира Габриела Богоеска од Прилеп.

Мартина Матевска, пак, сега останува без каков било приход, бидејќи во Гентерм бил вработен и нејзиниот сопруг.

„Значи, пред да заминеме во Украина ни беше ветувана постојана работа, дека кога ќе се вратиме во октомври, ноември ќе почне фабриката со работа и дека веднаш ќе бидеме повикани“, вели Матевска.

Од Гентерм Македонија ДООЕЛ соопштија дека работниот однос не им е продолжен на овие луѓе, зашто сè уште не е завршена изградбата на фабриката и не се склучени договори со купувачите. Според најавите, тоа би се случило до јуни следната година.

Советниците од опозицијата побараа дополнување на дневниот ред и информација за, како што велат, алармантната состојба на отпуштените работници од Гентерм. Но, советниците од ВМРО-ДПМНЕ овој предлог не го прифатија, зашто, како што рече претседателот на Советот, Никола Димески, Гентерм е приватна фирма и Советот не може да се меша во деловната политика на компанијата.

„Зошто градоначалникот Ристески и премиерот во заминување Никола Груевски бесрамно си поиграа со судбината на овие работници? Зошто овие 141 работник беа излажани дека по тримесечната обука во Украина, ќе работат во фабриката во Прилеп, кога и Никола Груевски и Марјан Ристески знаеја дека во зоната Алинци остана празна ливада и ниту Ф од фабрика“, обвини Сашо Велески, координатор на советничката група од СДСМ од Прилеп.

Премиерот, во придружба на министерот Зоран Ставрески и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо, на втори овој месец, на големи ѕвона во зоната Алинци кај Прилеп, најавија 2.000 вработувања и 20-милионска инвестиција на Гентерм во Прилеп.

„Компанијата Гентерм како што претходно најави веќе вработи 350 луѓе и ги прати на обука, дополнителни 150 се сега пратени на обука, така што сè заедно, околу 500 луѓе, веќе добиваат одука и ги прават првите чекори во производството на оваа компанија“, изјави тогаш премиерот Груевски.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG