Достапни линкови

Пакистан во обид да ги одмрзне мировните преговори во Авганистан


Официјални лица соопштуваат дека шефот на пакистанската армија заминал за Кабул, каде ќе се обиде да ги оживее мировните преговори меѓу авганистанската Влада и екстремистичката група на Талибанците. Портпаролот на пакистанската армија, генерал - полковник Асим Салем Бајва, рече дека генералот Рахел Шариф оди во Авганистан со „искреност и оптимизам“, со цел да се постигне подобро управување со границата и да се разговара за авганистанскиот мировен процес. Посетата на Шариф доаѓа две недели по регионалната конференција во Исламабад свикана за продолжување на авганистанско - талибанските мировени преговори. На конференцијата присуствуваше авганистанскиот претседател Ашраф Гани. Разговорите меѓу талибанските претставници и Кабул беа замрзнати во јули кога Авганистан ја објави смртта на талибанскиот лидер Мула Мохамад Омар. Авганистанските претставници во последниве години го критикуваат Исламабад дека им дозволува на Талибанците слободно да оперираат во пакистанско - авганистанската гранична област.

XS
SM
MD
LG