Достапни линкови

До слободни медиуми без владини реклами


Ако на владата и се забрани да троши државни пари за реклами во медиумите, тие ќе мора да прават поквалитетна програма за да привлечат гледачи, а со тоа и реклами.

Укинување на членот од законот за аудиовизуелни медиумски услуги, со кои им се наметнува на телевизиите домашна продукција, е еден од начините со кои ќе се ослободат медиумите од финансиската зависност од буџетските пари, вели претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе биде емитувано в недела. Тој посочува дека таквиот предлог е ставен на маса од страна на преговарачот Питер Ванхојт и дека со него ќе се тргне параванот зад кој во име на грижата за националниот идентитет се врзуваат медиумите за парите од Владата.

Ако сакаат да имаат иднина како медиуми, ако сакаат да постојат, на крајот на краиштата, не можат да бидат врзани за една политичка гарнитура, затоа што јас ви тврдам дека ни една партија, ни ВМРО-ДПМНЕ, ни ДУИ нема да брцне во нивниот партиски џеб за ги финансира овие, тие тоа го прават со парите на граѓаните.

„Еве две години имаме домашна продукција, програмата на националните медиуми не се менува, ние како гледачи не сме виделе поголемо присуство на турски серии и забавни и музички серии на српски јазик. Што е тогаш целта? Целта е да ги врзат медиумите за парите на владата. Тоа не е само еднонасочно влијание, кога вас ќе ви ја наметнат таа обврска, вие ќе треба да конкурирате, па документацијата треба да ви е точна, па сигурно нешто ќе ви фали, па ќе ве вратат. Ве ставаат во процес во кој тие ве контролираат“, вели Селмани.

Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и односи со јавност вели дека одговорот на прашањето како финансиски да се ослободат медиумите од зависноста од власта е многу едноставен.

„Прво, не треба воопшто да примаат пари за државно рекламирање сè додека нема сериозен разговор за тоа што значи државна реклама, што значи кампања од јавен интерес и дали воопшто треба да се финансира таков вид на кампања или сите тие да одат на јавниот дифузер“, вели таа.

Во однос на другите субвенции за поддршка на македонска продукција и јазик, во последниве години видовме тотално извртување, па натсинхронизацијата на турските серии некои ја сметаа за домашна продукција, објаснува Трајкоска.

„Тоа не е домашна продукција, освен дел од екипата која учествува во читањето на овие турски серии на македонски јазик, која добива хонорари и која веројатно е среќна, сето друго всушност прави штета и на граѓаните и на популацијата и на писменоста, а секако ги зајакнува врските меѓу медиумите и политичките елити, врхушки и власта. Сè додека не се направи сериозен и инклузивен пристап во тоа што всушност може да добиваат медиумите како некаков вид на државни средства и по кои услови, сите државни средства кои ги доделуваат на медиумите треба да бидат замрзнати“, вели таа.

Селмани вели дека не може да се дозволи Владата преку закон да им ја одредува програмата на комерцијалните медиуми и дека со укинувањето на овој член ќе се остави простор телевизиите конечно да започнат да работат според побарувачката на пазарот.

Од друга страна, пак, Селмани посочува дека кога медиумите ќе сфатат дека нема да добиваат повеќе пари од буџетот до изборите и по нив, по ниту еден основ, сами ќе ја олабават, како што вели, навивачката позиција, која ја имаат за владејачката коалиција.

„Мислам дека на нив така ќе им се испрати јасна порака дека ако сакаат да имаат иднина како медиуми, ако сакаат да постојат, на крајот на краиштата, не можат да бидат врзани за една политичка гарнитура, затоа што јас ви тврдам дека ни една партија, ни ВМРО-ДПМНЕ, ни ДУИ нема да брцне во нивниот партиски џеб за ги финансира овие, тие тоа го прават со парите на граѓаните, и тоа е многу едноставно, трошат туѓи пари, меѓутоа ви тврдам дека тие нема тоа да го прават. На крајот на краиштата ако би го правеле тоа, тие би формирале свои медиуми, и веќе го прават тоа“, вели Селмани.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG