Достапни линкови

Само Научното друштво од Битола се сети на 90-годишнината од Абецедарот


Абецедарот бил отпечатен под притисок на Европа за поголеми малцински права во Грција. Бил напишан врз основа на битолско-леринското наречје, со специјално приспособена азбука од 29 букви и со нагласен фонетски правопис.

Научното друштво од Битола е единствената институција од државата која деновиве прослави 90 години од Абецедарот објавен во Егејска Македонија во рамките на Грција во далечната 1925 година. Научната јавност во Битола е изненадена како никој друг не се сетил да одбележи ваков значаен јубилеј од публикувањето на учебникот со кој Грција на индиректен начин признала постоење на македонско малцинство во нејзини рамки. По повод јубилејот, историчарот од Битола, Александар Литовски промовираше публикација за „Абецедарoт“.

Навистина е жално што македонската држава не стави поголем акцент на одбележувањето на 90-годишнината од издавањето на овој учебник. Можеше да се направи дури и заедничка прослава со некои грчки кругови.
Александар Литовски, историчар.

„Навистина е жално што македонската држава не стави поголем акцент на одбележувањето на 90-годишнината од издавањето на овој учебник. Можеше да се направи дури и заедничка прослава со некои грчки кругови“, рече Литовски.

Според него, иако поминале девет децении од објавувањето на „Абецедарот“, пораките што ги упатува се значајни и за денешно време.

„Како и тогаш кога се издаде, иако никогаш не беше пуштен во употреба зашто Грција најде начин да ја изигра неговата употреба во образованието во грчките училишта, но и тогаш и денес значењето е големо. Овој „Абецедар“ и денес може да ни каже дека треба да одиме во правец на соработка и заедничко решавање на прашањата со соседите, а не преку конфронтации“, вели Литовски.

„Абецедарот“ бил отпечатен под притисок на Европа за поголеми малцински права во Грција. Бил напишан врз основа на битолско-леринското наречје, со специјално приспособена азбука од 29 букви и со нагласен фонетски правопис.

„Македонското научно друштво по сè изгледа е единствената институција во државата која се сети дека годинава се прославуваат 90 години од објавувањето на Абецедарот, кој означува клучна фаза во историјата на Македонците кои живеат во егејскиот дел, еден документ кој ја потврдува нивната самобитност и пред 90 години бил признат како посебен ентитет, зашто кога постои јазик, има и посебно малцинство“, вели Игор Неделковски, претседател на друштвото.

По издавањето, „Абецедарот“ беше два пати реобјавуван, еднаш во 1985 година и повторно во 2008 година од страна на Партијата на Македонците во Грција - „Виножито“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG