Достапни линкови

Без странски мониторинг домашните политичари забораваат на Договорот од Пржино и се посветени на партиските интереси и штанцањето афери. Препукувањата ќе се вжештуваат, а потоа се очекува посетата на Хан.

Додека амбасадорите празнуваат, македонските политичари влегоа во ринг. Деновиве веќе не е тема спроведувањето на пржинскиот договор, кое се одвива под силен мониторинг на странците, туку домашните препукувања и секојдневни продуцирања афери. Па така по нападот од ВМРО-ДПМНЕ за т.н. „Фабрика за афери“ кон министерот за внатрешни работи од СДСМ и лидерот на партијата Зоран Заев, вчера Оливер Спасовски излезе на прес конференција на која соопшти дека по контролата на податоците на МВР по случаен избор со откриеле 22 лица од Пустец во Избирачкиот список кои гласале со незаконски добиени лични карти.

Сега имаме најава дека ЕУ ќе спроведе засилена активност во јануари, тоа веројатно e и нормално бидејќи јануари е и битна фаза во договорот, а дотогаш сите овие прашања требаа да бидат затворени и во јануари да настапи тоа што беше наречено транзициона влада.

Јован Близнаковски од Институтот за демократија Социетас Цивилис во ваквите настани гледа продолжување на стратегијата на партиите преку негативна кампања да се оцрни политичкиот противник.

„Обично пред секој изборен циклус таквата реторика и стратегија се засилува конкретно овие настани, од овие денови, може се некои први чекори што не водат до тоа што следи, а тоа се избори некаде следната година според договорот од Пржино во април“, вели Близнаковски.

Тешки зборови и обвинувања, пак, паднаа и од премиерот Никола Груевски на сметка на опозицијата поврзани со т.н. Фабрика за афери. Во писмената изјава тој нагласи дека тие имале антидржавно однесување против Македонија, дека го пробиле дното, спомена и безбедносни аспекти, а потенцираше дека трпението им било при крај. И на ваквата изјава аналитичарот Алберт Муслиу гледа како на најава за жесток предизборен и изборен период.

„Од друга страна е и неодговорно однесување затоа што судот кај нас треба да биде тој што пресудува што е против законот или не е. Но за жал таа практика е постара каде што партиите се ставаат во позиција на судии, пресудители и одлучувачите на целиот процес, затоа и се наоѓаме во оваа ситуација“, вели Муслиу.

Во меѓувреме додека политичари се во меѓусебна пресметка роковите кои треба да се исполнат до 24 април, денот кога се договорени предвремените парламентарни избори повторно се надминуваат, а остануваат нерешени темите за медиумите и други важни прашања поврзани со институциите, како и обемната операција за прочистување на избирачкиот список. Излезот од кругот на афери и жестоки меѓусебни обвинувања во кои влегоа партиите и враќањето од предизборната атмосфера во фазата за подготовката на изборите се гледа и во доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

„Сега имаме најава дека ЕУ ќе спроведе засилена активност во јануари, тоа веројатно e и нормално бидејќи јануари е и битна фаза во договорот, а дотогаш сите овие прашања требаа да бидат затворени и во јануари да настапи тоа што беше наречено транзициона влада. Претпоставувам дека посетата на Хан затоа тогаш е најавена и во тој период ЕУ ќе се обиде да направи притисок за доспроведување на договорот“, вели Близнаковски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG