Достапни линкови

Аферата за фалсификувани лични карти, пруслушувани материјали, партиски напади, Ректоратот на УКИМ и барокните згради, интерпелацијата на Тодоров, загадениот воздух, теми во дневниот печат.

Нови бомби во политиката или битка со афери - вака гласат насловите во Слободен печат и во Утрински што најдобро ја отсликуваат состојбата на домашното политичко милје, каде што главна улога имаат фалсификуваните лични карти и снимките од телефонски разговори наводно пронајдени во еден од компјутерите на криминалната група за чие откривање соопшти Јавното обвинителство.

Нема крај на поврзаноста на СДСМ со фабриката за афери - Заев ги растура снимките низ Македонија и Србија, Јанева му пишува писма.

Следува натамошна разработка на аферата со фалс личните карти од Вечер кој неколкуте станови веднаш ги крсти „Фабрика за афери на СДСМ“ и „Уапсените криминалци комуницирале директно со Заев и со Спасовски“ - насловува весникот. Дневник објавува дека „Нема крај на поврзаноста на СДСМ со фабриката за афери - Заев ги растура снимките низ Македонија и Србија, Јанева му пишува писма“. Дневник неофицијално дознава од извори блиски на истрагата дека најголем дел од наводно 70 илјади откриени снимки на телефонски разговори во еден компјутер на криминалната група биле снимки од разговори водени меѓу функционери на ДУИ и од другите партии на Албанците во Македонија и дека наводно командант на УЧК требало да ги купи снимките за функционери на ДУИ.

Инаку, провладиниот Вечер е впрегнат во невиден напад на СДСМ и на неговиот лидер Заев. Самите наслови во сите изданија на весникот минатата недела јасно говорат за тоа: „Промотори на концептот криминалците да имаат своја држава - за СДСМ нема политика без криминал и криминал без политика“, „Заев ги растура снимките низ Македонија и Србија“, „Досие Заев: еднаш амнестиран, секогаш привилегиран... до кога?“, „Груевски: Некој се обидува да ја киднапира државата и ја држи во заложништво!“ , цитира извадоци од писменото обраќање на премиерот Груевски во врска со скандалот за кој е обвинета опозицијата, и тн.

На чело со ректорот Стојковски, УКИМ стана марионетка на власта.

Покрај овие случувања кои медиумите умешно ги спинуваат, при што обичниот граѓанин објективно не знае кому да верува, сечењето на дрвјата во универзитетскиот кампус и предвидената изградба две барокни факултетски згради паднаа во сенка. Слободен печат наслови: „На чело со ректорот Стојковски, УКИМ стана марионетка на власта“.

Како и тоа дека првиот човек на МВР, Спасовски, објави дека поседува докази дека на 22 лица од Албанија, од Пустец, незаконски им биле издадени лични карти и покрај тоа што ги нема во матичната евиденција на МВР, како што информира Утрински. Истиот весник информира и дека „Во Собранието не помина интерпелацијата за министерот за здравство Тодоров“. А граѓаните на Скопје, Тетово и Битола и натаму се трујат со загадениот воздух: „Загадувањето на црвено ниво, аларм уште не е вклучен“ , објави во средата Утрински.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG