Достапни линкови

logo-print

Со тужбите против владини функционери и државни институции, СДСМ се обидува пред меѓународната заедница да покаже дека тие трагаат и по институционално правно решение.

Институционалниот обид на опозицијата преку кривични пријави и тужби против власта и институциите кои што се во нејзини раце, се во склоп со народната „Џабе работи, џабе не седи“, велат дел од аналитичарите. Тие сметаат дека последниот пример со тужбата на СДСМ против стариот состав на Државната изборна комисија за одлуката против ветото на заменик министерот за финансии Кире Наумов, укажува дека опозицијата со овој потег се обидува пред меѓународната заедница да покаже дека тие трагаат и по институционално правно решение.

Непостапување во разумно време може да отвори едно прашање дали на тој начин не само што се забавува процесот на одлучување, туку едноставно и се презентира една состојба во државата, којашто во никој случај не оди во добра насока на добри оцени на судството.

Политикологот Соња Стојадиновиќ вели дека потрагата на опозицијата по правен лек е однапред осудена на пропаст.

„Ако ја гледаме институционалната поставеност и кадровската поставеност на судскиот систем во Mакедонија, тие да, се осудени на пропаст ако земеме предвид дека кадарот кој работи во судскиот систем, во судските институции е партизиран, партиски кадар кој е таму ставени исклучуво да се задоволат интересите на владејачката партија“, вели Стојадиновиќ.

Поранешната судијка за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска вели дека досегашната пракса покажала оти кога станува збор за предмети од опозицијата реакцијата на судовите често пати била неажурна и не одела во прилог на констатацијата за независно и непристрасно судство.

„А во исто време исто така постапувањето во разумен рок е дискутабилно. Непостапување во разумно време може да отвори едно прашање дали на тој начин не само што се забавува процесот на одлучување, туку едноставно и се презентира една состојба во државата, којашто во никој случај не оди во добра насока на добри оцени на судството“, вели Маргарита Цаца Николовска.

Стојадиновиќ вели дека обидот на опозицијата да изнајде правен лек во институциите е создавање на имиџ пред гласачкото тело дека работат на отстранување на оваа власт и коруптивниот систем.

„Потоа тие сакаат да докажат и пред странскиот фактор дека работат, дека ја исполнуваат својата агенда, а не само се жалат дека институциите не функционираат, а од трет аспект тие планираат и однапред, пуштаат и предлагаат тужби со пресметка дека ако следната година дојдат на власт дека веќе и ќе ги процесуираат тие тужи“, вели Стојадиновиќ.

Претходно и советниците на СДСМ во Советот на Општина Центар поднесоа тужба до Управниот суд против Никола Груевски поради, како што велат, узурпацијата на премиерот на ингеренциите на општината.

Според нив, одлуката на Владата за утврдување на градби од посебен интерес за изработка на урбанистичко-планска документација е спротивна на Уставот и ги попречува надлежностите на Општина Центар. До сега СДСМ во неколку наврати поднесе и кривични пријави против високи функционери на власта за како што велат, коруптивно и незаконско работење.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG