Достапни линкови

Спасовски - Незаконски издавани лични карти на жители на Пустец


Илустрација.
Илустрација.

МВР соопшти дека се откриени 22 лица од Пустец на кои незаконски им биле издадени лични карти за да гласаат на избори. Скопското обвинителство, пак, соопшти дека кај уапсените за фалсификување лични карти се пронајдени десетици илјади нелегално прислушувани разговори.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека се откриени 22 лица од Пустец во Избирачкиот список кои гласале со незаконски добиени лични карти. Спасовски рече дека овој податок излегол по контролата на податоците на МВР по случаен избор. Повод за проверката, како што рече, биле нелегално прислушуваните телефонски разговори што во текот на годината ги објавуваше лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Едно од тие лица воопшто не поседува лична карта, а постои во избирачкиот список, што значи дека гласа, рече Спасовски.

На сите останати 21 лице од страна на службите во МВР им биле издадени лични карти, иако немале документ каде живеат, односно немале решение за живеалиште. Решението за живеалиште е клучниот документ без којшто не смее да биде издадена лична карта. МВР на чело со Гордана Јанкулоска издавало и печатело незаконски лични карти со што незаконски овозможиле да гласаат лица кои немаат право да гласаат.
Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

„На сите останати 21 лице од страна на службите во МВР им биле издадени лични карти, иако немале документ каде живеат, односно немале решение за живеалиште. Решението за живеалиште е клучниот документ без којшто не смее да биде издадена лична карта. МВР на чело со Гордана Јанкулоска издавало и печатело незаконски лични карти со што незаконски овозможиле да гласаат лица кои немаат право да гласаат. Ова е вистината што требало да ја дознаат граѓаните и веројатно ова е стравот на власта“, рече Спасовски.

Според него, ова покажува дека се правени злоупотреби со лични карти и дека брутално се злоупотребени законските одредби за издавање на лична карта и издавање на решение за живеалиште.

Тој рече дека овие лични карти се издадени пред локалните избори и оти сите овие документи и други коишто ќе излезат ќе ги достави до Специјалното јавно обвинителство.

Спасовски не можеше да каже дали постои поврзаност на овој случај со претходно откриената „фабрика за лични карти“.

Заменик обвинителот во скопското јавно обвинителство Јован Цветановски претходно информира дека во компјутерите на уапсените за фалсификувањето лични карти имало десетици илјади прислушувани телефонски разговори. Тој рече дека Јавното обвинителство оформило неколку предмети во врска со аферата „Лажни лични карти“ која ја обелодени неделникот „Фокус“.

На прес-конференцијата, на која не беа дозволени новинарски прашања, Цветановски рече дека за случајот биле ангажирани неколку обвинители кои веќе до МВР доставиле наредби за преземање на одредени истражни дејствија и различни видови вештачење.

„При извршени претреси на станови на осомниченото лице З.Б. и други лица, пронајдени се голем број на обрасци за патни исправи, возачки дозволи, лични карти и други документи за подготовка на невистинита документација. Исто така, пронајдени се машини и опрема, и тоа преси, секачи и компјутерска опрема за изготвување на фалсификувана документација. Првичните сознанија на обвинителството укажуваат дека постојат основи за сомнение дека порано споменатите патни исправи, лични карти, машини и опрема соодветствуваат со оние пронајдени при претресот. Добиени се и првични известувања од овластените лица за содржината на пронајдените податоци во компјутерите, во кои меѓу другото се наведува дека постојат и фајлови на десетици илјади телефонски разговори. За содржината и потеклото на разговорите, поради обемноста на материјалот ќе биде потребен временски период од најмалку два месеци истата да ја утврдиме“, рече Цветановски.

СДСМ веднаш побара истрагата да утврди на каков начин материјалите се нашле кај овие лица. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека токму Заев и СДСМ мора на народот да му одговорат „зошто предавајќи 70.000 разговори на осудени криминалци од СДСМ свесно доведоа во опасност од уцена и изнуда илјадници Македонски граѓани?“

Премиерот Никола Груевски со писмена изјава побара случајот да се истражи до крај и сите виновници да одговараат пред законот.

„Ова веќе не е политика. Нашиот народ не го заслужил ова. Некој се обидува да ја киднапира државата и ја држи во заложништво и нашето трпение за ближи кон крајот. Ако до пред некој ден мислевме дека опозицијата го допрела дното, сега е дефинитивно дека го пробија и дното. Ова мора да се истражи до крај, и сите виновници да одговараат пред законот“, стои во писмената изјава на премиерот Никола Груевски.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG