Достапни линкови

logo-print

Медиумите, за кои сè требаше да биде договорено уште пред два месеца, останаа отворена тема, а за прочистувањето на избирачкиот список е прашање дали воопшто остана време.

По неколку прес-конференции, десетина соопштенија и многу медиумски содржини поврзани со аферата „лични карти“ беа презентирани во последниве два дена. Само вчера за личните карти прес-конференции имаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, па лидерот на СДСМ Зоран Заев и вечерта Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Сите овие сплетки се прават за изборите да се одржат, но да не бидат толку фер и демократски, затоа што сите препреки се во таа смисла. Ако последното го земеме, сега испаѓа дека фалсификуваните лични карти ги произвел СДСМ кој перманентно губи, што нема логика.

И додека партиите се конфронтираат за аферите, реализацијата на договорот од Пржино падна во втор план. Медиумите за кои сè требаше да биде договорено уште пред два месеца останаа отворена тема, за прочистувањето на избирачкиот список е прашање дали воопшто остана време, а следуваат и други работи како оние поврзани со Антикорупциската комисија или Народниот правобранител.

Според аналитичарот Сашо Клековски, партиите прерано влегле во изборната кампања и тоа негативна, што дополнително го поларизира општеството.

„Во такви поларизирани односи тешко дека има услови за политички дијалог. Целосниот прекин на политичкиот дијалог во услови на поларизираност беше почетниот проблем кој требаше да го решаваме. Без обновен политички дијалог, колку и да соодветните институции, Специјалното јавно обвинителство, Државна изборна комисија се посветени на својата работа и ги прават работите што треба да ги прават, ќе им биде тешко да ја постават оптимално и да ја промовираат својата работа во услови на жестока поларизација“, вели Клековски.

Договорот уште при неговото потпишување наиде на потешкотии и од тогаш беше јасно дека владејачките партии ќе се обидат да го отежнат неговото спроведување, тврди аналитичарот Алајдин Демири.

„Сите овие сплетки се прават за изборите да се одржат, но да не бидат толку фер и демократски, затоа што сите препреки се во таа смисла. Ако последното го земеме, сега испаѓа дека фалсификуваните лични карти ги произвел СДСМ кој перманентно губи, што нема логика“, вели Демири, според кого сè уште е отворено прашањето дали ќе има избори.

Од договореното во Пржино, пак, останува и повлекувањето на премиерот Груевски и инаугурирањето на новата влада на 15 јануари. Од тоа дали партиите ќе се договорат таа да почне да функционира, пак, според Клековски, ќе зависи и дали ќе има избори во април.

„Политичките партии ќе имаат период до 15 јануари да размислат колку и како е спроведен договорот од Пржино, дали се создадени услови за тоа и врз основа на тоа да дојде до формирање на новата влада која треба да биде избрана на 15 јануари или не. И ми се чини затоа е и коинциденцијата со доаѓањето на европските чинители во неделата пред 15 јануари“, вели Клековски.

Инаку, во јануари, според најавите, во Скопје повторно ќе допатува еврокомесарот за проширување и ментор на договорот Јоханес Хан. Тој по постигнувањето на договорот доаѓаше во клучни моменти кога партиите ќе запнеа за важните прашања. Последен пат дојде во земјава пред носењето на законот за влада со кој двајца министри и тројца заменици од опозицијата добија места во кабинетот на Груевски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG