Достапни линкови

Можна злоупотреба на институциите во фалсификувањето лични карти


Нема бегање од фактот дека се злоупотребени идентитетите на граѓаните на Македонија, а само државните институции поседуваат вакви податоци. Тоа говори дека е можна институционална злоупотреба, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Во аферата со фалсификување лични карти се злоупотребени лични податоци на граѓаните, кои ги поседуваат само државни институции, што говори дека е можна злоупотреба на институциите, рече на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој вели дека пред неговото доаѓање на функцијата, обвинувањата за фалсификување лични карти се игнорирале и оти кога тој ја преземал функцијата веднаш покренал постапка по пријава на неделникот Фокус кој ја објави аферата.

Нема бегање од фактот дека се злоупотребени идентитетите на граѓаните на Република Македонија, а само државните институции, повторувам, само државните институции поседуваат вакви податоци. Тоа говори дека е можна институционална злоупотреба, на што пак одговор ќе даде истрагата.
Оливер Спасовски, министрер за внатрешни работи.

„Ве потсетувам да обрнете особено внимание на ноторниот факт, повторувам, непобитен факт, дека на запленетите фалсификувани лични карти се видливи датумите на нивно издавање од 2009 и 2014 година. Исто така имињата и матичните броеви на фалсификуваните лични карти се точни. Нема бегање од фактот дека се злоупотребени идентитетите на граѓаните на Република Македонија, а само државните институции, повторувам, само државните институции поседуваат вакви податоци. Тоа говори дека е можна институционална злоупотреба, на што пак одговор ќе даде истрагата“, рече Спасовски.

Тој рече дека истрагата е исклучително комплексна, повеќеслојна и крајно чувствителна, но дека веќе постојат одредени сознанија и тие наскоро ќе бидат соопштени.

„Токму затоа не е во интерес на јавноста нејзино дефокусирање со фабрикување случај во случај, исто колку што не е во интерес на истрагата да се објавуваат во јавноста детали од предистражната постапка, меѓутоа тоа е работа на јавното обвинителство коешто ја води оваа предистражна постапка и ова е уште еден доказ за точноста на напишаното во извештајот на Прибе за корумпираноста и криминогеноста на институциите на системот“, рече Спасовски.

Тој рече дека времето на медиумски хајки и хистерични пропаганди заврши и оти доаѓа време на сериозни, законски и професионални истраги што ќе дадат одговори на сите прашања.

На новинарско прашање дали имал контакти со осомничените за фалсификувањето лични карти, тој рече дека има контакти со многу луѓе, но оти се води истрага против секој што е осомничен за криминал и оти никој не е амнестиран.

За сите други информации поврзани со случајот Спасовски упатува на јавното обвинителство кое ја води истрагата.

ВМРО ДПМНЕ- Спасовски бега од одговори

Од ВМРО ДПМНЕ соопштија дека Спасовски денеска се посрамотил и бегал од одговори во стилот на неговиот лидер.

Господине Оливер Спасовски, јавноста не слушна дали сте вие на сликите со криминалците кои стоеја зад „Фабриката за афери“ на СДСМ?, се вели во реакцијата. Денешната нервозна и конфузна прес конференција на Спасовски, како што наведуваат, била алиби изјава во стилот злосторникот на местото на злосторот.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека целата агенда на СДСМ е еден голем фалсификат. Од партијата наведуваат дека постојат сериозни индиции оти СДСМ учествувале во фабрикување на афери исто како што постојат сериозни информации и основи за сомнение дека нелегално прибавени телефонски разговори од граѓаните ги дале на криминалци со тапија.

Основното јавно обвинителство пред три дена соопшти дека е пронајдена тајна работилница каде се вршело фалсификување на лични карти и други документи и оти за овој настан се приведени три лица, но постојат индиции и за други лица инволвирани во случајот, како и за сторени други кривични дела. Медиумите потоа објавија фотографии на дел од уапсените со Спасовски и со лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ претходно рече дека до сите членови на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето е доставен извештајот за следењето на комуникациите изработен од МВР и УБК, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат што поскоро да се одржи седница на која ќе биде разгледуван. Тој рече дека како пратеничка група имаат интерес да ги повикаат на сослушување лидерот на СДСМ, Зоран Заев, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и еден од приведените во аферата со личните карти, Захит Бекири. Целта е, рече тој, овие лица да ја објаснат нивната комуникација и „нивната можна поврзаност со фалсификување документи, пасоши, банкарски сметки и нивно можно поседување на илјадници незаконски, нелегално снимени разговори на лица, функционери и судии“. Тој рече дека владејачката партија е загрижена што претседателот на Анкетната комисија, Петре Шилегов, не свикува седници, иако Комисијата е формирана по барање на СДСМ.

„Веројатно со намера да избега од некои незгодни прашања за тоа дали на одредени претставници на СДСМ им се познати лицата со презиме Сума и Беќири и дали имаат некакви допирни точки со прислушуваните разговори, со фалсификувањето лични исправи или со нивна можна злоупотреба во политички цели или во изборен процес“, рече Милошоски.

Заев - Пропагандата на Груевски режира нов филм

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, попладнево изјави дека паниката која ја покажува премиерот Никола Груевски и неговите соработници е обид да најдат спас од безизлезот. Според него, тие знаат колку длабоко се влезени во криминал и корупциски скандали и сега го прават истото сценарио како кога почнал проектот „Вистината за Македонија“. Сега, како што наведе Заев, тоа го прават со аферата фалсификувани лични карти и пропагандата на Груевски режира нов филм.

На новинарско прашање зошто се сликал со првообвинетиот во аферата истакна дека тоа е возможно бидејќи се среќавал со многу луѓе и оти тоа не го менува фактот за криминалот на Владата. Тој изрази очекување дека истрагата ќе покаже за што се употребувани фиктивните лични карти и која била нивната цел, како и кој им ги дал прислушуваните материјали на осомничените.

Во однос на договорот од Пржино рече дека тој е единствена можност за излез од политичката криза, а избори може да има само кога ќе бидат обезбедени сите предуслови.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG