Достапни линкови

МОМИ со интерактивна изложба - „Како снежна топка надолу по планината“


„Како снежна топка надолу по планината“ е насловена 12-та изложба на групата МОМИ, што од 22 декември, се одржува во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Делото претставува инсталација составена од цртеж кој го опфаќа целиот простор и претставува подлога за надоградување со активатори на дигитални содржини, кои можат да се следат преку специфична апликација на таблет или мобилен телефон.

По минатогодишните „Да се истрае во кругот“ во Културно-информативниот центар во Скопје и „Resist! What?“ во загребската галерија „Карас“, групата МОМИ еве ја со 12-та изложба од заедничкиот серијал. Овојпат уметниците Ана Ивановска, Зорица Зафировска, Кристина Хаџиева, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска делото го насловија „Како снежна топка надолу по планината“ и од 22 декември тоа е поместено во галерискиот простор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

„Како снежна топка надолу по планината“ е лавина на идеи кои тркалајќи се и зголемувајќи ја масата и замавот, прибира делови од приказните создавајќи цела вселена.
Ана Ивановска, МОМИ.

Станува збор за инсталација составена од цртеж кој го опфаќа целиот простор и претставува подлога за надоградување со активатори на дигитални содржини, кои можат да се следат преку специфична апликација на таблет или мобилен телефон.

Ана Франговска, кураторка на постановката, вели дека најновиот проект на МОМИ всушност претставува своевидна визуелизација на позитивните и негативните страни од времето во кое што живееме. Од една страна на новите технолошко-технички изуми, вмрежувања, интернети...на кои што на еден начин сме навлечени, а од друга негубејќи го во ниту еден миг оној линк со ликовното, естетското, со визуелното.

„Тие на некој начин прават едно визуелно вмрежување на тој техничко-технолошки дискурс во кој што, пак, секоја единка, секој модул, всушност е информацијата која што самиот автор или поединец ја дава. Тие ја дават базичната модулација, секоја од нив ќе даде една своја визуелизација, зачетна информација во таа датотека на податоци, а секој посетител, секој рецепиент на нивниот проект е поканет да биде дел од перформансот и да биде партиципиент во дообликувањето на делото со обликување на еден свој код преку кој што со технолошка алатка, или апликација, ќе се чита одредена содржина која што одново самиот рецепиент ќе треба да ја предложи независно дали тоа ќе биде фотографија, видео и т.н. “

Ана Ивановска од МОМИ истакнува дека во сложениот и меѓусебно поврзан свет, мапата на „вмрежување“ на ова колективно дело е претставена со сопствена “архитектура на линијата“ и со апстрактен визуелен јазик, и дека им дава утешно чувство за припадност истовремено поттикнувајќи го истражувачот во нив. Појаснува дека мрежата е исполнета со експлицитни и скриени значења врзани за места, вистински или измислени. Дека зборува за невидливите врски меѓу нас, за магичниот танц на енергијата во кој сме вклучени на нејасен за нас, мистериозен начин. Вели дека не само што сме вклучени, туку и учествувајќи во креирањето и менувањето на таа реалност која ја познаваме, во овој свет кој е море на веројатности, ние најдиректно влијаеме со своите мисли.

„Додавајќи повеќе информации се генерираат нови конекции, се проширува со нови поврзувања со повеќе димензии и импликации на просторот. Таа нуди визуелна метафора за повеќеслојност на меморијата, за врски мапирани меѓу минатото и сегашноста и постоење на поголемо чувство на континуитет. Мрежата ги поврзува луѓето преку кодирани системи за комуникација и размена. „Како снежна топка надолу по планината“ е лавина на идеи кои тркалајќи се и зголемувајќи ја масата и замавот, прибира делови од приказните создавајќи цела вселена“, ќе рече Ивановска.

Христина Хаџиевска, пак, потсетува дека „подвлекувајќи го моментот на самиот порив да се креира и создава-овде тие го ставаат нагласокот дека еден создава од просторот на својата поврзаност со Врвниот учител во себе си, и дека манифестацијата на таа поврзаност ќе зависи од вештината на поединецот да создава – всушност да си игра со елементите“.

„Создаденото во форма е минливо во својата природа со самото тоа е исто како и сè друго што може сетилно да се прими. А што е тоа што ја одвојува креативноста од сè друго? Посебноста во креативното творештво е во можноста да не потсети и поврзе со светот на Внатрешното битие. Сите сме поврзани а сепак секој е уникатен крој, токму преку таа уникатност нема повторување во ко-креирањето.“

Кон ова само уште информацијата дека групата МОМИ постои од мај 2012 кога дотогашните собеседнички на полето на уметноста Ивановска, Зафировска, Хаџиева, Кировска, Сотировска, Ристовска и Христина Зафировска одлучија постојната соработка во различни проекти реализирани во рамките на АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т да ја крунисаат со здружување во еден творечки колектив кој би имал сопствена патека во настапот пред домашната културна јавност. Од тогаш, во изминативе три плодни години МОМИ со успех се претставија во повеќе градови во земјава и во државите од регионот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG