Достапни линкови

logo-print

Власта не го прифати законот што го бараше специјалното обвинителство, а провладините медиуми водат хајка против обвинителката Катица Јанева дека одработува за СДСМ.

Законот кој го бараше специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а кој го предложи СДСМ, не помина во Собранието, откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА не гласаа за него. Тој, според обвинителството, требаше да овозможи уредување на правата, обврските, одговорностите, платата и додатоците на вработените во оваа институција. Истовремено помина првото читање на владиниот предлог со кој сите обвинители, вклучително и оние во специјалното обвинителство, ќе добијат додаток до 35 отсто од платата.

Навистина наидуваат на одредени потешкотии кои упатуваат на еден заклучок дека се прават секакви опструкции со цел да се блокира работата на специјалното обвинителство.

Специјалното јавно обвинителство треба да се занимава со многу деликатни прашања и уште од почетокот наидува на опструкции од владините структури, вели професор Осман Кадриу.

„Веднаш по формирањето на специјалното обвинителство и по донесувањето на закон за специјалното обвинителство натамошните активности кои требаше да се спроведат од државните органи, на прво место парламентот, владата и други институции навистина наидуваат на одредени потешкотии кои упатуваат на еден заклучок дека се прават секакви опструкции со цел да се блокира работата на специјалното обвинителство“, вели Кадриу.

Во меѓувреме и во дел медиуми кои во јавноста важат за блиски до власта интензивно се тврди дека Јанева одработувала за СДСМ, дека ќе ја водела нивната кампања за изборите во април, дека Заев на лидерските средби настапувал во нејзино име, инсинуираат и дека одработувала за странски амбасади и не била независна. Според долгогодишниот новинар Мирче Адамчевски, во ваквите известувања се гледало дека се работи за хајка.

„Од проста причина што сите текстови личат еден на друг, како да произлегуваат од ист центар и се насочени против личност која допрва треба да почне со работа. Сметам дека реакциите во медиумите потекнуваат од еден центар, се гледа тоа од содржините, некој пат немаат ниту запирки, ниту точки променето, сè со цел да се оневозможи нејзината работа и да се вршат притисоци во нејзината работа“, вели Адамчевски.

Од друга страна, пак, иако е истечен рокот за предавање на прислушуваните материјали до јавното обвинителство, СДСМ сè уште го нема сторено тоа, а како што тврди претседателот на партијата Зоран Заев, штом ќе биле исполнети условите за предавање на снимките, тоа и ќе го направеле. Само јас знам што треба за чување на тие материјали коишто 11 месеци сум ги чувал комплетно поради доверливоста на огромен број граѓани, рече Заев како образложение на поставеното новинарско прашање.

„Јас мислам дека сепак органот е формиран, има свои простории, ги има потребните механизми за почеток и за работа и сметам дека се доволни, така што за мене таквото образложение и најава не знам колку е поткрепена навистина со прави аргументи дека нема услови“, вели Кадриу.

Досега од документите од Пржино и законите кои произлегоа од нив доследно беше испочитуван само датумот за изборот на обвинителката, 15 септември, а сè друго во работата наидува на постојани препреки и одложувања.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG