Достапни линкови

Кино Култура – оаза за изведувачките уметности и независната сцена


Со концерт на групата ФОЛТИН, скопска премиера на „Ајншајновите соништа“ – копродукцискиот проект на Театарот на Навигаторот Цветко и Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп и со новата изведба на „Солун Град на духови“ - хит претставата на Слободан Унковски, настани што треба да се одвиваат од 22 до 25 декември, официјално ќе биде отворен Кино Култура – Центарот за современи изведувачки уметности и независна култура. Станува збор за проект чии основачи се Театарот на Навигаторот Цветко и Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, а зад кој како партнер стои општина Центар.

По нешто повеќе од деценија и половина наново ќе бидат отворени вратите за публиката на некогашното кино Култура. Токму така, она кино што било градено во почетокот на 1930-те и кое ја имаше судбината да биде избришано од мапата на маркантните културни сврталишта на урбано Скопје што насилно исчезнуваат. Сега во големата сала на улица „Луј Пастер“ б.б, во просторот кој сега мириса на свежа боја и каде царува духот на мултифункционалноста, ќе биде сместен Центарот за современи изведувачки уметности и независна култура, кој разбирливо ќе си го има името Кино Култура.

Последниве 20 години упорно се обидувавме да направиме ваков простор. Ваков културен центар. Оваа генерација што сега, така да кажеме дрма во македонскиот театар, почна 1992 – 93 година во Мала станица. Таму ги правеше и ги играше своите претстави во многу потешки услови од овие сега овде, но како и да е сепак преживеавме за да станеме, како што велат, движечка сила на македонскиот театар, па и на културата воопшто.

Негови основачи се Театарот на Навигаторот Цветко и Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, а партнер во оваа нова приказна е Општина Центар. Нивната заедничка идеја е да воспостават нова современа организациона структура, урбан простор за современи изведувачки уметности, кој ќе опфати современа култура и уметност, и сродни области како што се образованието, социјалниот развој и развојот на заедницата.

За таа цел, барем првично, Кино Култура располага со сала за разни типови на изведувачки уметности, од театарски и балетски претстави, преку концерти и се до разно-разни артистички перформанси, кои пак што ќе можат да ги следат 180 посетители во гледалиштето. Згора на тоа тука е и платното, па така наскоро по набавката на проектор ќе започне и одбрана кинотечна програма.

„Последниве 20 години упорно се обидувавме да направиме ваков простор. Ваков културен центар. Оваа генерација што сега, така да кажеме дрма во македонскиот театар, почна 1992 – 93 година во Мала станица. Таму ги правеше и ги играше своите претстави во многу потешки услови од овие сега овде, но како и да е сепак преживеавме за да станеме, како што велат, движечка сила на македонскиот театар, па и на културата воопшто“,ќе рече режисерот Слободан Унковски, кој заедно со Александар Поповски се најистурените во Театарот на Навигаторот Цветко.

Биљана Тануровска Ќулавковски, од Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, забележува дека она што ним како на припадници на независната сцена за целото ова време им недостасувало било токму еден ваков центар за изведбени уметности каде би се фокусирале генерално на сето она што може да се подведе под современа култура и уметност. Таа дополнува дека чинот на отворање и првите неколку месеци од заживувањето на проектот ги именувале како Кино Култура – Работа во процес.

„Решивме да почнеме со работа затоа што одамна го чекавме овој момент. Одамна чекавме ваков еден нов простор кој што реално го немаше со години. Ние немаме друг ваков, независен пред сè сценски простор.“

Таа појаснува дека во однос на програмата направиле неколку линии кои понатаму ќе се шират.

Едната е главната театарска програма која е наменета за развој и продукција на театарски претстави. Тие ќе се обидат да направат и Истражувачки центар на ова поле кој најдиректно би се бавел со промислување на нови театарски методи и естетики и нешто кое што Унковски и Поповски одамна сакаат да го развијат – Работилница за напреден театарски тренинг и театарски резиденции.

Другиот дел би се однесувал повеќе на новите изрази на полето на новите изведувачки уметности, современиот танц и современата кореографија, па и она што се нарекува пост-драмски театар.

Во рамките на „Слободна сцена“ планирано е да се отвори простор за целата независна сцена која што реално егзистира и си има свои проекти, свои идеи ...чија што изведба би прилегала на дадениот простор.

Од друга страна, во Кино Култура – Центарот за современи изведувачки уметности и независна култура, нагласена е размислата и за своето отворање кон Заедницата. Пред сè кон децата и младите, но и воопшто кон целокупната популација.

Од таму, не чуди кога Унковски забележува дека е посебно важно тоа што програмата на Центарот најмногу ќе зависи од корисниците, односно дека таа нема да биде под влијание на Министерството за култура.

„Оваа институција ќе биде ослободена од тоа да биде под влијание на било која комисија за театар или било што друго што може да влијае на репертоарот. Се разбира ние сме македонска институција и ќе конкурираме пред сите фондови што стојат на располагање, па и пред Министерството за култура. Јас очекувам тоа да не подржи како подржа и други проекти во градов при нивното градење и опремување. “

Инаку, Кино Култура – Центарот за современи изведувачки уметности, своето присуство во јавноста ќе го означи громогласно. Со концерт на битолчаните ФОЛТИН овој вторник во 21.00 часот.

За наредниот ден, среда, 23 декември, во 20.00 часот, е најавено свеченото отворање, по што ќе следува и скопската премиера на „Ајншајновите соништа“ - копродукцискиот проект на Театарот на Навигаторот Цветко и Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Претставата е работена по текст на американскиот физичар и книжевник Алан Лајтман, драматизацијата е на Русомир Богдановски, музиката на Златко Ориѓански, костимите на Розе Трајчевска Ристевска, а режијата на Слободан Унковски.

Во пиесата играат Марија Спирковска Илијеска, Наталија Теодосиева, Јасмина Мицоска Станкоска, Катерина Чакмакоска Клинческа, Симона Димковска, Ивана Павлаковиќ, Игор Трпчески, Владимир Ѓорѓијоски, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Мартин Манев и Илија Волчески.

Репризата е планирано да се случи наредниот ден во истиот термин, а во петок ќе биде прикажана „Солун град на духови“, претставата на Унковски и неговите театарски собеседници што со голем успех досега беше прикажувана во Музејот на холокаустот на евреите во Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG