Достапни линкови

Партиска магла врз полициските истраги


Партиите знаат дека нападот е најдобра одбрана, па затоа по објавувањето на скандалот со фалсификуваните лични карти почнаа меѓусебно да се обвинуваат кој стои зад него.

Партиската машинерија се вклучи со цел да се манипулира јавноста и за аферата со личните карти, а тоа и штети на реалната истрага, оценуваат упатените, откако оваа сериозна тема премина на теренот на партиските препукувања.

Дури и сè да се расчисти - МВР, обвинителство, судот да расчистат сè, мислам дека резултатите од истрагата нема да бидат признаени бидејќи започнаа меѓупартиските обвинувања или пресметки преку овој случај.
Павле Трајанов, пратеник.

Како фрапантни ги опиша премиерот Никола Груевски сознанијата што ги имал за случајот, додека дел медиуми објавуваат дека во аферата биле откриени лица поврзани со СДСМ. Од опозициската партија, пак, очекуваат од МВР, од Јавното обвинителство и од судските органи целосно да го истражат случајот со фалсификуваните лични карти, а конечната истрага ја чека и министерот Оливер Спасовски.

Според поранешниот прв човек на полицијата, Павле Трајанов, партиските позиционирања во однос на наводните лични карти дефинитивно ќе и штетат на истрагата.

„Затоа што знаеме дека партиите генерално повеќе од јасно е дека имаат силно влијание врз работата на МВР, над обвинителството, над судот и оваа истрага е сега доведена во прашање. Дури и сè да се расчисти - МВР, обвинителство, судот да расчистат сè, мислам дека резултатите од истрагата нема да бидат признаени бидејќи започнаа меѓупартиските обвинувања или пресметки преку овој случај“, вели Трајанов.

И професорот по казнено право Стефан Буџакоски вели дека, следејќи го односот на партиите кон расчистување на аферата, може да се заклучи дека тие имале малку чувство за потребите за градење држава во која правото ќе владее еднакво за сите.

„На овој начин не може да се каже дека се води правилна истрага, едни влечат на една страна, други на друга, а треба да се држат на она што е состојба и факт. Се ова личи на некој предизборен натпревар во којшто секој на свој начин сака да покаже успех. Граѓаните, без разлика дали е министер од оваа или онаа партија, го доживуваат како личност што се грижи за безбедноста во целост“, вели Буџакоски.

На прашањето, пак, кој кого мести во расчистувањето на приказната со личните карти Трајанов ја споменува аферата Пуч, па вели дека треба потсетување како таа почнала и за начинот на кој, како што вели, известувале провладините медиуми за тоа кој го вршел прислушувањето и ги злоупотребил системите во МВР.

„Се работи за партиска стратегија да се нападне противникот и веројатно тоа успева кај голем број граѓани да создаде конфузија и да се делат по одредено време на партиска основа, тие што се за ВМРО-ДПМНЕ да прифатат дека фалсификатот го направил СДСМ, другите, пак, обратно, а тие што се неопределени во суштина остануваат во тотална конфузија или темнина“, вели Трајанов.

Аферата во јавноста се откри пред точно еден месец откако неделникот Фокус објави дека до нив биле доставени 105 фалсификувани лични карти, а дека нивниот извор посочил дека имало 30 илјади такви. Од тогаш ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно го повикува министерот Спасовски од СДСМ да ја расчисти аферата, а тој, пак, најавува дека ќе излезе во јавност по завршувањето на целосната истрага.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG