Достапни линкови

logo-print

Судскиот процес за „Пуч“ одложен, Јанева бара поддршка за нејзината работа


Специјалното јавно обвинителство ја одложи за денеска најавената главна расправа по предметот познат во јавноста како „Пуч“. Како што соопшти денеска јавната обинителка Катица Јанева, причината за одлагањето е потребата за целосно да бидат запознаени со содржината на доказите кои се доставени до Судот, а кои не се содржани во обвинителскиот предмет што им бил доставен.
- Сакам да ве известам и дека ова Јавно обвинителство ги поддржува сите законски измени со кои се унапредува статусот на јавните обвинители во Република Македонија и нивната независност, бидејќи вакво нешто е во интерес на сите граѓани на Република Македонија. Сепак, би сакала да укажам дека со одредбата во предложениот Закон за плати на јавните обвинители, која го овластува Јавниот обвинител на Република Македонија, по претходна согласност од министерот за финансии, да одлучува за додатоците на јавните обвинители во ова Јавно обвинителство, се кршат воспоставените принципи на автономност и финансиска независност на ова Јавно обвинителство. Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите јасно ги предвидува додатоците за јавните обвинители во ова Јавно обвинителство, а нивната реализација никако не може да биде врзана со согласност од министерот за финансии, од причина што Министерството за финансии е должно финансискиот план за работа на ова Јавно обвинителство да го вгради во буџетот и не може никако да го менува. Воедно, принципот на автономност подразбира мое автономно постапување како Специјален јавен обвинител и исклучено е секакво влијание во работата од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија. Оттука очекувам во предложениот Закон за плати на јавните обвинители да биде изоставено ова Јавно обвинителство, стои во соопштението од Јанева.

Јанева побара од сите политички партии да го поддржат Законот за јавнообвинителска служба на ова Јавно обвинителство и да ги искажат своите искрени намери за непречено и функционално работење на ова Јавно обвинителство.

Таа најави дека во текот на оваа недела ќе бидат соопштени нови информации за работата на ова Јавно обвинителство, кои периодов предизвикаа интерес во јавноста, а кои, како што подвлекува, не бевме во можност да ги споделиме, поради што за жал одредени медиуми се обидоа да го прикажат ова Јавно обвинителство во едно поинакво светло од она за што ова Јавно обвинителство се залага.

XS
SM
MD
LG