Достапни линкови

Крај на двопартиската ера во Шпанија


На вчерашните избори шпанските владејачки конзервативци добија најмногу места, но го загубија мнозинството во парламентот кој има 350 пратеници. Успехот на новите партии како Подемос и Сиудаданос го означија крајот на повеќедеценискиот менување на власта меѓу две партии во Шпанија.

Народната партија на премиерот Маријано Рахој освои 28,7, додека Социјалистите 22 насто од гласовите. Подемос и Сиудаданос добија над 20, односно скоро 14 проценти.

Ваквите резултати на изборите, на кои одѕивот беше 72 насто, сугерираат дека најмалку три партии ќе бидат неопходни за формирање нова влада. Притоа се наведуваат неколку можни сценарија.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој изјави дека ќе се обиде да го стори тоа, наведувајќи дека на земјата и е неопходна стабилна влада која ќе се потпира врз она што го постигнала неговата партија во изминативе четири години. И покрај тоа што победи на изборите Народната партија ги има најлошите резултати досега.
Неизвесноста околу формирањето влада ја фрла во сенка програма за економска реформа која помогна Шпанија, петта по големина економија во Европската унија, да се извлече од рецесија и да ја намалува се уште високата стапка на невработеност.

Никогаш повеќе Шпанија без својот народ. Еве денеска ние се обврзуваме да ја браниме социјалната правда, како и пристојноста. Демократијата мора да навлезе во економијата, така што нема да притоа да бидат нарушувани човековите права и достоинството.

„Верувам дека на Шпанија и треба стабилна влада. Во текот на изминатите четири години ние остваривме многу работи. Сега мораме да истраеме во тоа“, рече Рахој.

Малцинска влада на неговата Народна партија е малку веројатна со оглед на силното гласање за левицата.

Тешко дека ќе има и голема коалиција со социјалистите, таквата коалиција би имала 213 пратеници во парламентот, со оглед на тоа што и двете партии за време на кампањата се изјаснија против таквата евентуалност.

Успехот на Подемос може да претставува клучен елемент за левиот дел од политичкиот спектар во Шпанија во кој пет левичарски партии предводени од опозициските социјалисти имаат 175 места, само едно помалку за мнозинство во парламентот.

„Никогаш повеќе Шпанија без својот народ. Еве денеска ние се обврзуваме да ја браниме социјалната правда, како и пристојноста. Демократијата мора да навлезе во економијата, така што нема да притоа да бидат нарушувани човековите права и достоинството“, изјави лидерот на Подемос Пабло Иглесијас.

Преговорите за формирање влада би можело да траат со недели, а шпанскиот Устав не предвидува прецизен рок до кога треба да се направи тоа по одржаните избори.

По свикувањето на новиот парламент Кралот Фелипе Шести наименува мандатар за состав на новата влада, но откако ќе бидат завршени партиските преговори.

Во единаесеттите општите избори одржани од 1977 година во Шпанија, формирањето влада никогаш не траело повеќе од два месеца. Сега аналитичарите не се уверени во тоа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG