Достапни линкови

„Вест“ стравува од политички обиди за затворање


Уредничкиот Колегиум на весникот Вест упати апел до претставниците на меѓународната заедница во кој предупредуваат дека се соочуваат со политички обид да се затвори весникот. Тоа се случува, се наведува во апелот, додека траат преговорите за слобода на медиумите според Договорот од Пржино. Апелот уследи по последните случувања во весникот, а врзани со непродолжувањето на договорот на главниот и одговорен уредник Горан Михајловски.

„Се сомневаме дека тајмингот за политичкото преземање на Вест е намерно темпиран за време на претстојните празници, за да се избегне вниманието на јавноста и особено на претставниците на меѓународната заедница во Македонија“, се наведува во апелот. Во него стои и дека Колегиумот на Вест на чело со Михајловски стравува дека смената е отворен обид од Владата да го скрши Вест како уште еден силен глас што успеа да даде приоритет на јавниот интерес пред партискиот и владиниот интерес и да промовира граѓански активизам.

Главниот и одговорен уредник на дневниот весник „Вест“, Горан Михајловски, за порталот НОВА вели, ги разбира стравувањата на своите колеги дека весникот би можел да се затвори, бидејќи тие биле сведоци на невидени политички притисоци од власта и менаџментот.

„Некои од тие притисоци беа и многу брутални, па нормално е колегите да се плашат и за сопствената иднина. Да, точно е дека мојот мандат завршува, но секој договор може и да се продолжи, особено кога популарноста на „Вест“ се зголемува, тиражот е стабилен, а и читаноста на мојата колумна „Сакам да кажам“ континуирано расте“, вели главниот уредник на весникот Вест.

XS
SM
MD
LG