Достапни линкови

Неделен печат – увозни гласачи и критики за специјалната обвинителка


Фокус пишува дека Власта за изборите ʼувезлаʻ десетици илјади гласачи, Република ја критикува специјалната обвинителка Катица Јанева, а Глобус пишува за антизападната реторика на власта.

Со многу актуелни теми се занимаваат неделниците, па човек не може да одбере која да ја вброи во прегледов.

Специјалното обвинителство ќе истражува дали овие државјани на Германија, Полска, Франција, Швајцарија и на други европски земји, кои очигледно дошле единствено за да гласаат на изборите, воопшто имале право на глас, дали за таа цел експресно им се издавани лични документи, на кои избирачки места гласале и кој е одговорен за целата оваа операција за која се слушна и од „бомбите“ на Заев.

Фокус - Власта за изборите ʼувезлаʻ десетици илјади гласачи

Фокус, на пример, открива нова ујдурма од изборите во 2013 година: „Власта за изборите ʼувезлаʻ десетици илјади гласачи“ - пишува неделникот во насловот на статијата во која од извори од граничната полиција обелоденува дека во првиот круг на локалните избори во 2013 година, на 24 март, преку коловозните гранични премини и на аеродромот во Охрид пристигнале околу 5 до 6 илјади патници. На листата со патници во деновите на вториот изборен круг од 6 до 8 април Фокус изброил дури 15 илјади полнолетни граѓани кои тие денови пристигнале во Македонија! Специјалното обвинителство ќе истражува дали овие државјани на Германија, Полска, Франција, Швајцарија и на други европски земји, кои очигледно дошле единствено за да гласаат на изборите, тврди неделникот, воопшто имале право на глас, дали за таа цел експресно им се издавани лични документи, на кои избирачки места гласале и кој е одговорен за целата оваа операција за која се слушна и од „бомбите“ на Заев. „Ова особено што во МВР недостигаат голем број обрасци од лични карти, на кои по набавката им се губи трагата!“ - наведува Фокус.

Република - ʼСпецијалната надежʻ последна умира - За чии интереси работи Катица Јанева?

Во фокусот на Република се нападите врз специјалната обвинителка Катица Јанева, покрај оние врз опозицискиот лидер Зоран Заев. На насловната неделникот објавува фотографија на Јанева со наслов и прашање: „ʼСпецијалната надежʻ последна умира - За чии интереси работи Катица Јанева?“ Па наведува дека гладната кокошка просо сонува, а „безидејната опозиција спас од поразот“. Неделникот ја нарекува СДСМ „најмрзливата партија на Балканот и пошироко“ и тврди дека по неуспешните потези на домашните извртувачи, опозиционерите сега се насочиле кон „Специјалната надеж“, која била дури и видовита. Република сугерира дека специјалната обвинителка ја пресретнува секоја желба и мисла на опозицијата и обвинува дека со избирањето на 34 случаи за изборни манипулации од „бомбите“, Јанева сакала да ја рехабилитира СДСМ.

Глобус - Антизападната логика на домашните Хотентоти

Он-лајн магазинот Глобус покрај другото пишува за „Антизападната логика на домашните Хотентоти“. „За Груевски, САД се добар и сигурен партнер кога во 2006 година амбасадорката Миловановиќ ќе му ја составува владата и ќе му прави парламентарно мнозинство лобирајќи кај потенцијалниот коалиционен партнер Тито Петковски да му ги даде своите седум пратенички гласови на наводно модерниот и прозападен иден премиер Груевски. Сега ќе му доцни на американскиот амбасадор Бејли и ќе го пушта Ристо Никовски да ги говори своите антизападни ʼфилипикиʻ и е лош и се меша во внатрешните работи кога јавно изразува разочараност најнапред од демократскиот капацитет на тој ист премиер и од степенот на корумпираност на системот.“ Глобус на крајот тврди дека Груевски се подготвува „до даска“ да ги изигра договорите од Пржино.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG