Достапни линкови

Со националистички страсти до политички поени


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Пред избори вообичаено меѓуетничките тензии се засилуваат, па едните почнуваат да ја бранат македонштината, другите албанштината, за на тој начин да ја добијат поддршката од јавноста, а потоа да работат на надминување на тензиите.

Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор уште во септември соопшти дека нарачал анализа на рамковниот договор вредна 200 илјади евра од Европскиот институт за мир предводен од посредникот во конфликтот од 2001 година Питер Фејт. Главна тема на оваа анализа беше Законот за јазиците. Но, ова стана тема за меѓупартиски препукувања дури минатиот месец, кога почнаа обвинувања за тоа кој „ги продава националните интереси“ и е попустлив кон Албанците.

Не само што е плодно тло за мобилизирање на гласачи, затоа што таа тема најлесно емотивно допира до гласачот и следствено најлесно може да го мобилизираш да гласа за тебе, туку и од причина што национализмот е плодно тло за дефокусирање од многу побитни проблеми. Сите горливи системски проблеми што ги има нашето општество секогаш паѓаат во втор план ако некој меѓуетнички проблем ги заземе страниците на медиумите.

Опозицискиот СДСМ обвини дека зад договорот за организирање конференција за анализа на Рамковниот стои лично премиерот Никола Груевски, зашто е потпишан во име на владата. ВМРО-ДПМНЕ, пак, негира дека се работи за владин проект, туку на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор. Во исто време, провладините медиуми почнуваат кампања против лидерот на опозицијата и критички настроени новинари и аналитичари дека заговараат федерализација на земјата. Дел од аналитичарите коментираат дека ДУИ предизборно го отвора прашањето за Рамковниот зашто нивно главно ветување на сите претходни избори се евроинтеграциите кои се закочени.

Користењето на стравот за стабилноста, безбедноста и егзистенцијата е најлесниот начин за добивање политички поени пред избори. Тој страв политичките елити го негуваат и потоа се јавуваат како спасители на уплашените граѓани. Токму тој страв е плодната почва за развој на национализмот. Стана правило, меѓуетничките тензии да се засилуваат пред избори, едните да ја бранат македонштината, другите да ја бранат албанштината, на тој начин да ги добијат симпатиите на јавноста, а потоа да работат на надминување на тензиите. Без никаква причина почнуваа тепачки во автобуси, на стадиони, во училишни дворови, во етнички мешани средини, траеја одредено време и потоа завршуваа како што почнале.

Сепак, се чини дека меѓуетничките теми засега се во втор план, иако изборите закажани за на пролет се приближуваат. Јавноста сега е фокусирана на преговорите на лидерската четворка, анкетната комисија за прислушувањето и работата на специјалната обвинителка. Аналитичарите, пак, не очекуваат дека ова затишје ќе потрае. Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје вели дека ниту овие избори нема да поминат без отворање на меѓуетничките теми.

„Очекувам се разбира дека и тоа како ќе биде присутна во предизборниот период. Не само што е плодно тло за мобилизирање на гласачи, затоа што таа тема најлесно емотивно допира до гласачот и следствено најлесно може да го мобилизираш да гласа за тебе, туку и од причина што национализмот е плодно тло за дефокусирање од многу побитни проблеми. Сите горливи системски проблеми што ги има нашето општество секогаш паѓаат во втор план ако некој меѓуетнички проблем ги заземе страниците на медиумите“, вели тој.

Џабир Дерала од невладината организација Цивил, пак, не се согласува дека и досега немало обиди за разгорување на меѓуетнички тензии. Според него, кумановските настани од мај годинава биле обид за разгорување на меѓуетнички конфликт, но за среќа неуспешен. Тој очекува националистичката реторика во наредниот период да се засилува.

Тоа, претпоставувам дека, на сите веќе им е јасно дека е последица на немањето вистински политички понуди на одредени политички структури, па се обидуваат да го дивертираат вниманието на јавноста од својата неспособност и злоупотреби, па би рекол и криминали, на темата меѓуетнички односи, која е навистина експлозивна тема, како во Македонија, така и насекаде во регионот.

„Етничките теми се доминантна тема во изборните процеси во изминатите десетина години, па и повеќе и тоа е едноставно фолклорот на изборните процеси во Македонија кој ете не успеавме да го избегнеме сите овие години. Тоа, претпоставувам дека, на сите веќе им е јасно дека е последица на немањето вистински политички понуди на одредени политички структури, па се обидуваат да го дивертираат вниманието на јавноста од својата неспособност и злоупотреби, па би рекол и криминали, на темата меѓуетнички односи, која е навистина експлозивна тема, како во Македонија, така и насекаде во регионот“, вели Дерала.

Владо Димовски од Центарот за меѓуетничка толеранција вели дека во септември, заедно со уште четири невладини организации, направиле истражување низ цела Македонија кое покажува дека граѓаните очекуваат подгревање на меѓуетничките односи околу Нова година и оти тоа ќе трае до избори.

„Според кажувањата на испитаниците, тука ќе се подгреат меѓуетничките односи, ќе дојде до одредена ескалација на меѓуетнички инциденти, кои во секој случај ќе бидат режирани од страна на владејачките партии, како што се случува секоја година пред избори, за добивање на политички поени на изборите во април“, вели Димовски.

Минатата година, заедно со претседателските, се одржаа и предвремени парламентарни избори по барање на ДУИ. Тие ги бојкотираа претседателските избори, залагајќи се за консензуален претседател. На изборите победија во албанскиот политички блок и повторно формираа влада со ВМРО-ДПМНЕ. Пред локалните избори во 2013 имаше насилни протести на Македонци против изборот на Талат Џафери за министер за одбрана, по што следуваше исто така насилен контра-протест на Албанците. Беа уништени многу возила во главниот град и целосно беше изгорен еден автобус. На изборите во 2011 година, пак, им претходеше тепачка за изградбата на музеј-црква на скопското Кале. Во инцидентот учествуваше и сегашниот пратеник од ДУИ Артан Груби.

Национализмот – забава за сиромашни

Коментирајќи го национализмот на Балканот, познатиот црногорски музичар Рамбо Амадеус во едно неодамнешно интервју за хрватскиот портал Експрес вели дека национализмот е доминантна тема на сиромашните.

„Национализмот е тема до 300 евра приходи месечно. Ним им се сервира таа приказна. Кога платата ќе надмине 500 евра, тогаш почнува разговор за гардероба и за кафулиња. Кога ќе надмине 1.000 евра, тогаш топ теми се здравата храна, летувањата и зимувањата, за кога ќе се искачи над 3.000 евра, тогаш престанува секое непотребно мудрување. Луѓето тогаш зборуваат за временска прогноза и за љубов“, вели тој.

Трошановски се согласува со тезата дека национализмот е „храна“ за сиромашните.

„Токму нискиот социјален стандард, односно финансиската можност на семејствата, не им овозможува слободно време во коешто би можеле да промислуваат поблагородни или пограѓански теми како екологија, човекови права, слобода на медиуми или демократија генерално ако сакате, туку ги држи во доменот на она што е најпримитивно, најпримордијално, како секојдневно преживување и опстанок на заедницата, нацијата, односно хумусот на национализмот“, вели тој.

Во дел од медиумите имаше обид да се наметне мигрантската криза како основа за зајакнување на националистичката реторика, но јавноста генерално не реагираше на оваа тема и не се појавија отворени непријателства кон мигрантите и бегалците. Трошановски вели дека македонските граѓани не реагирале на таа тема, зашто Македонија е само транзитна земја во која мигрантите не планираат да останат.

„Кај нас кризата со мигрантите и бегалската криза не резултираше со зголемени националистички реторики поради тоа што реално ние сме сепак транзитна земја, стабилноста и безбедноста на нашето општество не е засегната од некои бегалци коишто би останале овде и би го загрозиле нашиот начин на живот, идентитет и од тука, она што ни останува и што е најлесно, најопипливо и највидливо, она што го живееме секојдневно се меѓуетничките односи и мистериозноста, апстрактноста на другиот на којшто може да му се наметнат најразлични пропагандни техники со коишто можете да ги манипулирате гласачите“, вели Трошановски.

Сепак, за разлика од ЕУ каде што крајната десница е во подем и речиси во секоја земја се сериозен политички фактор, па дури и во непосредното соседство, како што се Златна зора во Грција или Атака во Бугарија, крајната десница во Македонија е на политичките маргини. Трошановски вели дека отсуството на политичка традиција со крајно десничарски партии не овозможува развој на ваквите партии во земјава.

„Ние од социјалистички систем влеговме во некој транзиционен период кон демократија и никогаш во нашата државна историја не сме имале искуство со крајно десничарски партии и оттука мислам дека токму отсуството на таа традиција и следствено база на таа традиција во електоратот не овозможило одредена крајно десничарска партија да развие популарност и да стекне некое стабилно гласачко тело“, вели Трошановски.

Џабир Дерала, пак, вели дека крајната десница во Македонија нема успех, затоа што големите политички партии по потреба го узурпираат и тој дел од политичкиот спектар.

„Тоа што во Македонија крајно десничарските политики, односно политички опции, не се толку видливи сметам дека е сепак последица на тоа што елитите или би рекол политичкиот мејнстрим често знае да манифестира крајно десничарски постапки, односно да се произнесе крајно десничарски, невообичаено за еден политички мејнстрим во една земја“, вели Дерала.

Монструмот на екстремизмот над Европа

Главна тема за разгорување на национализмот во Европа, пак, е мигрантската криза и заканите од тероризам. Како што за време на финансиската криза, на која патем речено, не ѝ се надзира крајот, најголем подем во ЕУ доживуваа крајно левичарските политички партии, така сега по терористичките закани од Исламската држава, расте на оние крајно десничарските. Екстремизмот и ксенофобијата, според некои аналитичари, допрва ќе ја обликува сликата на Европа.

Гоце Атанасов

Нема место за олабавување или триумфализам, изјави францускиот социјалистички премиер Мануел Валс, откако крајно десничарскиот Национален фронт не успеа да победи на регионалните избори во Франција, но затоа, пак, успеа да освои рекорден број гласови досега. Тоа, според него, е знак дека треба да се покрене длабока дебата за она што ги загрижува Французите кои очекуваат силни и прецизни одговори. Такви одговори очекуваат не само француските, туку и граѓаните на другите земји од Европската унија кои се соочуваат со страв од тероризмот и со огромен бран бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Азија и Африка.

Од нападите во Париз во ноември вниманието на европската јавност некако беше пренасочено од една очајно актуелно тема: состојбата на Европската унија. По сè изгледа нејзината здравствена слика не ја прават сива само бегалците и милитантите на Исламската држава. Затоа, според некои аналитичари, работите нема да одат така лесно како што европските лидери сакаат да веруваат нивните граѓани. Успехот на Националниот фронт, како што додаваат, не е само поради лутината кај граѓаните поради тоа како владата се справува со исламскиот екстремизам, туку и поради разочарувањето со старите политички класи околу тоа како ги прифаќаат острите мерки за штедење што ги диктира Брисел.

Во Европа расте бројот на оние што сметаат дека сегашната ситуација е и поради политиката на отворени граници во Унијата што релативно го олесни патот за враќање на исламските милитанти на континентот. Притоа како да се заборава на фактот дека повеќето земји на Унијата воопшто не посветуваа доволно внимание на муслиманите кои живеат во нив. Како и да е, сето тоа придонесе за пораст на крајно десничарските националистички движења кои се против мигрантите, муслиманите, Европската унија. Се појавија и мислења, меѓу кои и на поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус дека сегашната мигрантска криза било проект на европските елити со цел, како што се наведува, да се разнебитат националните држави за подобро да владеат со нив.

Оценката на германскиот канцелар Ангела Меркел дека Европа може да апсорбира милиони бегалци изнервира многу нејзини приврзаници во Германија, но и во Европа, особено Унгарците кои ја обвинија за „морален империјализам“. Меѓу членките на ЕУ, особено оние што некогаш беа во источниот комунистички блок воопшто не е добредојден нејзиниот предлог за рамномерно распоредување на бегалците. Словачка е заинтересирана само за христијански бегалци, а во Полска стравот од мигрантите беше една од причините за победата на десничарите на неодамнешните парламентарни избори. Во исто време, расте рејтингот на оние во Британија кои се за излегување на таа земја од Европската унија.

Сево ова покажа дека идеализмот од Шенген, според евроскептиците во Британија, не е соодветен во светот во кој психопати со оружје шетаат на улиците, во кој Европската централна банка раководи со економските страдања и во кој воопшто не се земаат предвид мислењата не само за еврото, туку и за мигрантската криза на демократски избраните власти во тие земји. Тактичното гласање на француските социјалисти со што се спречи крајната десница да победи на регионалните избори не ја отстранува во целост опасноста од Националниот фронт за францускиот политички систем.

Наскоро, односно во септември 2017 година, со оваа закана ќе се соочи и Ангела Меркел кога ќе излезе на предвидените избори. Дотогаш, ако нема вистински одговори за големите прашања на нивните граѓани, од терористичките закани до големата невработеност, и натаму ќе расте национализмот и екстремизмот на политичката сцена во Европа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG