Достапни линкови

logo-print

Бегалскиот бран намален, но продолжува


Во кампот во Гевгелија треба да се обезбеди затоплување, а во Табановце има греење во еден шатор. По надминатата правна пречка, Фронтекс ќе бидат распоредени на македонско-грчката граница. Утре во Скопје најавен е граѓански марш за поддршка на бегалците.

Интензитетот на бегалци е намален. По околу 3.000 бегалци дневно транзитираат низ Македонија. Кратко се задржуваат во прифатните кампови во Гевгелија и во Табановце и продолжувааат по својот пат.

Тие тука се задржуваат по најмногу половина саат или саат. Има и луѓе кои тука чекаат за да се спојат со своето семејство, чекаат некој свој да дојде, па после да продолжат. Вечерно време кога нема автобуси што ги возат бесплатно од Миратовац па до Прешево, многу од нив преку ноќ седат тука, па наутро продолжуваат.

Во прифатниот центар во Гевгелија продолжува уредувањето на шаторите каде мигрантите седат додека да се регистрираат. Поставен е под, има струја, а се чека на затоплување, оти неколкуте греалки на плин не ги задоволуваат потребите.

Граѓанскиот активист Дритон Малиќи кој им помага на бегалците во Табановце исто така забележува дека бројот на бегалци е намален, вели, тоа е поради лошото време. Во кампот во Табановце се направени три големи шатори, а во еден веќе има греење, останатите треба да добијат до крајот на викендот, вели активистот Малиќи. Тој вели дека во кампот тие добиваат храна, облека, им даваат упатства за како понатаму да продолжат со патот и како што вели, ги мотивираат да издржат.

„Тие тука се задржуваат по најмногу половина саат или саат. Има и луѓе кои тука чекаат за да се спојат со своето семејство, чекаат некој свој да дојде, па после да продолжат. Вечерно време кога нема автобуси што ги возат бесплатно од Миратовац па до Прешево, многу од нив преку ноќ седат тука, па наутро продолжуваат“, вели Малиќи.

Претходно од Центарот за управување со кризи најавија дека во кампот ќе биде поставен тоалет, патот до Србија од 420 метри ќе биде дотампониран, заграден и осветлен, а ќе бидат поставени 11 контејнери за престој и одмор на бегалци од ранливи категории.

Македонија речиси еден месец како го ограничи влезот на мигрантите и се пропуштаат само бегалци од земји зафатени со војна. Жичена ограда во должина од неколку километри, беше подигната на границата кај Гевгелија, а се подига ограда и кај граничниот премин Меџитлија. Планирано е да се постави ограда во должина од 10 километри.

Утре во Скопје најавен е граѓански марш за поддршка на бегалците.

Вчера од Брисел директорот на Фронтекс најави дека на македонско-грчката граница ќе бидат распоредени полицајци на Фронтекс. Според претходните најави тие досега веќе требаше да бидат распоредени, но имало правни пречки, односно Фронтекс не го контролира излезот од територија на Унијата, туку само влез. Во Брисел се сретнаа македонскиот претседател Ѓорге Иванов, неговиот српски колега Томислав Николиќ, потоа претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, а на средбата присуствувале и еврокомесарот Јоханес Хан и директорот на Фронтекс.

„Сега ќе може со оваа промена на таа регулатива да се постави Фронтекс на излезот од Грција, значи на територија на Грција да има Фронтекс за сите они кои успеале да влезат, а немаат статус на бегалец, да можат да бидат контролирани и во дадени услови да се вратат во земјите од кадешто доаѓаат“, изјава Иванов.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски вчера рече дека доколку има потреба може да се активира и резервниот состав на Армијата, но дека во овој момент работат според актуелните планови и поставените задачи. Тој рече дека пристигнала опремата за биометрискo регистрирање на бегалците која треба да биде поставена во транзитниот центар во Гевгелија за брза и целосна идентификација на лицата кои транзитираат низ Македонија.

Во изминатите 24 часа издадени се потврди за намера за азил на 3291 странски државјани, од кои најмногу од Сирија. Во истиот период до Секторот за азил не е поднесено барање за признавање на правото на азил. Мобилните тимови на Црвен крст на Табановце им укажале помош на 112 луѓе, додека во Гевгелија на 345 луѓе. Тие поделиле пакети со храна, вода, млеко за бебиња, хигиенски пакети, ќебиња, вреќи за спиење.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG