Достапни линкови

Антикорупциската и Омбундсманот – наредни теми на лидерската четворка


Антикорупциската комисија и Народниот правобранител не се конкретно наведени во двата документа од Пржино, но проблемите во нивното функционирање се детално опишани во извештајот на тимот експерти предводени од Рајнхард Прибе.

Политичка волја и охрабрување да си ја вршат работата која треба се клучни за подобрување на прашањата поврзани со Антикорупциската комисија и Народниот правобранител, двете институции кои по средбата на лидерската четворка во вторникот ги спомена како идни теми за итно решавање посредникот во разговорите Питер Ванхауте.

Ние треба да сфатиме дека постојните институции кои ги имаме треба да ги ослободиме од политичката контаминација во која сега се заробени и едноставно тие да почнат да си ја вршат својата функција.

Овие две тела не се конкретно наведени во двата документа од Пржино, но проблемите во нивното функционирање се детално опишани во извештајот на тимот експерти предводени од Рајнхард Прибе. Во него се наведува дека има сериозни индиции за политичка корупција на различни нивоа и на повеќе начини. „Борбата против овој вид на корупција дефинитивно треба да стане врвен приоритет за земјата“, се наведува во извештајот.

Поранешниот член на антикорупциска, Драган Малиновски, смета дека законски измени за оваа комисија не се потребни, бидејќи таа е добро поставена, но проблемот го лоцира во немањето на желба и од нејзините членови таа да функционира.

„Ние треба да сфатиме дека постојните институции кои ги имаме треба да ги ослободиме од политичката контаминација во која сега се заробени и едноставно тие да почнат да си ја вршат својата функција. Значи нашиот главен проблем е нефункционалноста на институциите, а тие се нефункционални, бидејќи конкретно, еве за Антикорупциската комисија, извонредно се селективни и во функција на некоја дневна политика со што мислам дека тие се претворија во својот антипод“, вели Малиновски.

Во врска со народниот правобранител, пак, во извештајот на Прибе меѓудругото се наведува дека тој ги информирал дека системот не секогаш се усогласува со неговите одлуки, дека неговата комуникација повремено се игнорира и дека јавните установи не соработуваат. И во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа, Иџет Мемети, се пожали дека институциите го игнорираат вклучително и за аферата прислушување.

Според Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права во периодов што следи треба да се договорат и некои законски измени поврзани со правобранителот најмногу од аспект на независен буџет.

„Сè додека неговиот буџет се разгледува и одобрува од страна на власта тој нема да може да си обезбеди независно функционирање. Мислам дека забелешките се најголем дел од тој аспект и во извештајот на Прибе, но и од аспект на тоа дека за да може да функционира тој мора да има и соодветен одговор од институциите кон кои е надлежен да постапува. Тие не ги спроведуваат неговите препораки и поради тоа не може да се почувствува ефектот од неговото функционирање“, вели Пировска.

Работните групи, пак, кои доцнат со спроведувањето на договорот, продолжуваат со работа за медиумските прашања откако првичниот зададен рок се надмина за два месеци. Досега се доцнеше и со прашањата за кои има конкретни рокови во Протоколот од Пржино од 15 јули, па наместо, како што беше предвидено на 20 октомври, новите министри и дополнителни заменици беа избрани на 11 ноември. Изборот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се случи доцна вечерта на последниот ден од рокот-15 септември, но таа се соочува со проблеми во подоцнежната работа. Доцнеше и формирањето на анкетната комисија за прислушуваните разговори, па наместо во ноември како што е предвидено, првиот извештај се очекува во јануари. Во врска, пак, со Државната изборна комисија во договорот од 2 јуни се предвидуваше дека до 31 јули составот на Државната изборна комисија ќе се прегледа и модифицира, а до 30 септември ќе и се дадат зголемени овластувања. Составот на ДИК пак беше целосно комплетиран вчера, а пред нејзините нови членови има сериозни работи меѓудругото и прочистување на избирачкиот список.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG