Достапни линкови

Човек, фабрика, помеѓу - уметност наспроти конзумеризам


„Човек, фабрика, помеѓу“ е насловена концептуалната изложба на накит на Глигор Кузмановски, што од 15 до 20 декември се одржува во клубот Концепт 37 во Скопје. На неа авторот, преку своите дела – малите преносливи скулптури, збогатени со фотографиите на Ана Лазаревска, го претставува своето гледиште на современото општество, како реакција против масовната продукција, конзумеризмот и рутинираноста.

Со новиот концепт авторот ни разоткрива една поинаква душевна состојба, подлабоки размисли и нè внесува во сосема нова приказна во која провејува и мала доза на меланхолија. Овие дела покажуваат поголема сериозност и зрелост, како во осмислата, така и во изведбата, наспроти игривоста присутна во неговите претходни остварувања. Со алтернација на минималистичките облици, монохромноста и инкорпорирањето на металот, кожата, врвките (читај, „каблите“), тој успешно го доловува мрачниот и ладен амбиент на фабриките. Од друга страна, пак, на нив им се спротивставува со меките облици и топлината на дрвото, постигнувајќи префинета рамнотежа помеѓу материјалите и формите.

Луѓево се шетаат по трговските центри и купуваат работи колку да купат. Ете ти го тој консумеризам. Мојата идеја беше да ја поврзам од една страна „фабрика“ како фабрика со „шопинг-мол“ со човек кој што се стреми да ги купува тие работи од „фабриката“ и оние другите што ја почитуваат рачната изработка и уникатните работи.

Ова ќе го запише Јехона Спахиу во текстот за изложбата на уникатен накит „Човек, фабрика, помеѓу“ на уметникот Глигор Кузмановски, што од 15 декември се одржува во клубот Концепт 37, во Скопје.

Таа забележува дека во самиот назив на постановката „се насетува неговото гледиште на современото општество, како реакција против масовната продукција, конзумеризмот и рутинираноста“. Истовремено, како што вели Спахиу, тој го изразува отпорот човекот да се претвори во машина, трагајќи и изнаоѓајќи го тоа што е помеѓу.

Кузмановски, пак, појаснува дека со идејата за проектот живее цела една година и дека тој се обидел да најде одговор на незгасливата глад на луѓето по „нови“ и „нови производи“.

„Гледав да направам една паралела помеѓу уметноста и сите овие шопинг-молови што никнуваат како печурки и луѓево што се кријат таму и на некој начин бегаат од реалноста. Всушност целта ми беше нив да ги поврзам и спротивставам со рачната работа како нешто уникатно. Луѓево се шетаат по трговските центри и купуваат работи колку да купат. Ете ти го тој консумеризам. Мојата идеја беше да ја поврзам од една страна „фабрика“ како фабрика со „шопинг-мол“ со човек кој што се стреми да ги купува тие работи од „фабриката“ и оние другите што ја почитуваат рачната изработка и уникатните работи“, вели тој.

Уметникот потсетува дека има една група на млади креативци кои на свој начин, со продукти во кои има душа, се борат против масовната продукција, консумеризмот и униформноста, но дека таквата битка ќе биде долга и дека тешко се менува свеста, особено во ваквите времиња на изместени вредности и немаштија кај повеќето од населението.

„Се надевам дека на крај сите ќе се свртиме кон занаетите и ќе го почитуваме тоа што го правиме и што доаѓа природно од нас, наспроти сето она набрзина нафрлено и лесно достапно произведено во фабрикиве“, вели уметникот.

Инаку, сторијата за Глигор Кузмановски и неговата уметност започнала многу одамна кога како дете почнал да слика, но подоцна тоа само му помогнало да открие дека може да твори и во други области. Тој по професија е дипломиран историчар на уметност и археолог, но професионално веќе половина деценија се занимава со дизајн на дрво, особено на дрвен накит.

Неговите уникатни парчиња од дрво ги имаше еден период во книжарницата „Кавказ“, потем ги претстави на изложба во рамките на манифестацијата „Поетска ноќ – Велестово“ во 2011 година, во неколку наврати соработуваше со модната дизајнерка Росица Мршиќ, а присутен е скоро на сите базари на ракотворби и на Баскер фест.

„Дрвото ми е некако најблиско. Еве во новиот проект го комбинирав и со метали. Сакав да го спојам ладното со топлото. Тоа е мојата природа. Ме влече топлината на самото дрво и облиците што ги добивам како финален продукт“, вели тој.

Конечно, Кузмановски знае да каже дека и натаму од неговите вешти раце ќе излегуваат допадливи парчиња накит или скулптури, но дека во себе има и други замисли кои ќе го тераат комплетно да им се посветува на ваквите и слични концептуални уметнички проекти.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG