Достапни линкови

logo-print

Димоски со двојна посвета на Исаковски


Игор Исаковски.

Игор Исаковски.

Уметникот Сашо Димоски со двојна посвета за починатиот поет, преведувач, издавач и радио-водител Игор Исаковски. „Брод тргнат кон немерливото“ е насловен документарно-поетскиот видео омаж, а „Црно-бело во квадрат“ изложбата на портретна фотографија на истакнати творци, кои е предвидено да и бидат претставени на главноградската културна јавност оваа среда, на 16 декември, во 20.30 часот, во просториите на Кинотека на Македонија.

По премиерното прикажување на годинешните Струшки вечери на поезијата, „Брод тргнат кон немерливото“, документарно-поетскиот омаж посветен на починатиот поет, преведувач, издавач и радио-водител Игор Исаковски, а чиј автор е Сашо Димоски, оваа среда по прв пат ќе и биде претставен и на скопската културна јавност. Проекцијата е планирано да се одржи во 20.30 часот, во Кинотека на Македонија.

На документарно-поетскиот омаж „Брод тргнат кон немерливото“ започнав со работа речиси веднаш по смртта на Игор и успеав да го снимам во првите шест месеци од оваа година. Филмот претставува кус осврт на неговиот живот за кој што зборуваат неколкумина негови пријатели и соработници.

Во пресрет на ова случување, авторот потсетува дека иако замина на 44 години, Исаковски зад себе остави 16 книги, од кои 10 збирки поезија. Вели дека тој не беше само плоден автор, неуморен преведувач од англиски, српски, хрватски, босански, туку и основач на културната институција и издавачка куќа „Блесок“ и дека Игор беше „идејниот творец на истоименото електронско списание , едно од најстарите електронски списанија за култура во Европа, преку кое, пионерски и визионерски, ја ширеше македонската култура низ светот, а светската култура ја носеше во земјава“.

„На документарно-поетскиот омаж „Брод тргнат кон немерливото“ започнав со работа речиси веднаш по смртта на Игор и успеав да го снимам во првите шест месеци од оваа година. Филмот претставува кус осврт на неговиот живот за кој што зборуваат неколкумина негови пријатели и соработници како што се Јовица Ивановски, Елизабета Баковска, Тони Димков...Дел од поезијата ја претставуваат тој самиот, Елизабета Баковска и поетот Тихомир Јанчоски, додека автор на музиката е Горан Трајковски“, вели Димоски.

Тој истакнува дека во периодот што следува делото е планирано да биде прикажано на неколку фестивали на документарен филм.

Од друга страна, по проекцијата на „Брод тргнат кон немерливото“, ќе биде отворена и изложба на фотографски портрети „Црно-бело во квадрат“ на познати македонски и странски автори од повеќе области на уметностите.

„Изложбата што е поставена во Галеријата на Кинотеката на Македонија и која на некој начин е продолжување на самиот филм во еден нов, поинаков израз, е составена од 20-на фотографии – портрети на луѓе кои се занимаваат со различни уметнички дисциплини. Таму има луѓе со кои Исаковски соработувал, има луѓе со кои воопшто не се ни познавал. Меѓутоа, заедничката карактеристика на сите нив и Игор е тоа што тие излегуваат надвор од рамките на размислувањето на обичниот човек што е пак својствено за секој автор кој се занимава со било која уметничка дисциплина за што сведочат нивните очи на фотографиите“, потенцира Димоски.

Роден 1965 година во Струга, Сашо Димоски се занимава со фотографија и компјутерска графика. Дипломирал фотографија на Универзитетот ЕСРА, а работел во МРТВ и пишувал за културните рубрики на „Утрински весник“ и на магазинот „Глобус“.

Тој долго време е соработник на првото електронско списание за култура во Македонија – „Блесок“, а од 2007 година работи како фотограф на археолошки истражувања.

Инаку, „Црно-бело во квадрат“ е негова втора самостојна изложба, која доаѓа по две години од проектот „Изгрев на залез – постапокалиптична реа на транзицијата“ каде ги прикажа актуелните феномени на современата социјална и политичка реалност, на минатите системи и следствено на тоа и на транзициските процеси.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG