Достапни линкови

Неделниците го анализираат извртувањето на информациите


Илустрација.

Илустрација.

Фокус, Република и Глобус пишуваат за извртувањето на тезите во пренесувањето информации.

Веројатно случајно, трите неделници, Фокус и Република и он-лајн магазинот Глобус, посветуваат уводници и колумни на извртувањето на тезите во пренесувањето информации, појава отсекогаш присутна во нашиов занает и надвор и дома, но особено изразена кај нас во последниве години.

Груевци ја темелеа власта врз трите П, Пендрек, Пари и Пропаганда, а бидејќи Гоца не е веќе прв пендрек, туку ресорот замина кај „непријателот“, еден столб им е во фаза на уривање.

Фокус – Пари, пендрек и пропаганда

Со перверзните толкувања за демократија, власта наметна исчуручени ставови за нормалното и ненормалното, или, на пример, оној што 10 години ја има сета власт е чесен, оној што е во опозиција е нечесен и предавник, забележува Фокус. Неделникот пишува и за синдромот на забеганост што се забележува кај власта, па наведува дека во периодот што следува, манифестациите на овој синдром ќе добиваат на интензитет. Груевци ја темелеа власта врз трите П, Пендрек, Пари и Пропаганда, потсетува Фокус, а бидејќи Гоца не е веќе прв пендрек, туку ресорот замина кај „непријателот“, еден столб им е во фаза на уривање. Вториот, за парите - постои паника дека Катица ќе им го детектира и документира. И сега им останува нечепнат, ама и круцијален третиот столб - пропагандата. Но, не онаа со забрана на рекламирање, оти пропагандната машинерија им е вградена низ најгледаните телевизии. И тоа ќе биде главната, ама и последна битка за враќање на НОРМАЛНОСТА! - предвидува Фокус.

Република - Опозициски манипулации што се продаваат како апсолутни вистини

Република својот уводник го насловува како „Опозициски манипулации што се продаваат како апсолутни вистини“. Па набројува дека таканаречените „професионални“ медиуми финансирани од Сорос, кои отворено соработуваат со СДСМ се „закопаа“ во новата афера со лажните лични карти, дека истите медиуми со месеци ја лажеле јавноста и неаргументирано информирале за бомбите на Заев и нелегално прислушуваните телефонски разговори, за настаните во Куманово, за заднината на масакрот кај Смилковско Езеро... Но, ова не е пречка за „професионалните“ да продолжат да ги третираат шпекулациите како апсолутна вистина и да го навредуваат секој што не верува на лагите, завршува Република.

Глобус - Монструозно извртената конструкција

Глобус пишува за „монструозно извртената конструкција“, како што наведува, талентираните медиумски слуги на дпмнето да се самопрогласат за најголеми антифашисти и со цел ум да почнат масовна хајка против „фашистите“ од опозицијата. Да беше жив Гебелс, нивната мостра и најголемиот пропагатор на фашизмот, силно би ги пофалил неговите вистински следбеници и надградувачи, пишува неделникот. Па појаснува дека според нив, фашизам биле обидите да се запре нивната распашана гебелсовска, фашистичка пропаганда. Самопрогласените антифашисти се исплашени поради можноста да се укине нивното самоприсвоено право да објавуваат исклучиво дезинформации и да ги „продаваат“ како новинарство. Самопрогласените антифашисти се исплашени дека „фашистите“ од опозицијата ќе ги забранат нивните платени кампањи со кои неказнето, со години, го труеја народот со гебелсовски „вистини“ и манипулации, завршува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG