Достапни линкови

Табановце се спрема за мигрантска зима


Прифатниот центар за бегалци во Табановце, на македонско-српската граница.

Прифатниот центар за бегалци во Табановце, на македонско-српската граница.

Наскоро во центарот ќе биде поставен тоалет, патот до Србија од 420 метри ќе биде дотампониран, заграден и осветлен, ќе бидат поставени 11 контејнери за престој и одмор на бегалци од ранливи категории, мајки и деца и уште осум контејнери за административни потреби.

Мали се групите бегалци кои од Гевгелија со воз пристигнуваат до железничкиот граничен премин Табановце, на македонско-српската граница. По кусо задржување на станицата, по тампонираниот пат заминуваат кон Србија. Зад нив остануваат бројни волонтери во очекување на некој нов воз, подготвени да помогнат, но и остатоци од она што бегалците не можеле да го понесат или пак сметале дека веќе не им е потребно.

Тука се и три-четворица локални продавачи на цигари, чорапи и по некоја дребулија што не успеале да им ги продадат на странците.

„Ние чекаме да купат, но тие не ни погледнуваат“, вели една кумановка која се понадевала на некој денар повеќе.

„Не им е лесно на овие луѓе, но не ни е лесно и нам“, додава таа и при појавување на полицаец се затскрива зад бараките.

И додека бегалците по извршените административни проверки заминуваат од станицата, неколкумина момчиња, економски мигранти, се обидуваат да се стоплат покрај импровизирани печки.

„Тука се 35 емигранти кои што од моментот на донесување одлука за забрана за влез во Србија и во Европа се заглавени во Република Македонија. Три дена се тука, а согласно законот можат да изразат желба да останат тука, да побараат азил. За тоа постои одреден период дали ќе им се одобри или не, или доколку имаат желба ќе бидат транспортирани до Гевгелија, а понатаму во Република Грција“, вели Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи.

Тој додава дека интензитетот на бегалците е намален. Просечно дневно пристигнуваат по четири до шест возови, а Транзитниот центар чија изградба е кон крај може да опслужи околу пет илјади луѓе за храна, облека, обувки. Исто така има и магацин од кој може да се задоволуваат седмодневни потреби за бегалците.

„Мал проблем ни претставува довршување на големите шатори за прифат и сместување и греењето во зимската сезона, каде што ќе може да бидат прифатени околу илјада и сто или илјада и двесте луѓе“, вели Стојановски.

Стојановски додава дека наскоро во центарот ќе биде поставен тоалет, со по пет машки и женски кабини и две за инвалиди, патот до Србија од 420 метри ќе биде дотампониран, заграден и осветлен, ќе бидат поставени 11 контејнери за престој и одмор на бегалци од ранливи категории, мајки и деца и уште осум контејнери за административни потреби. Транзитниот центар е поделен на три дела, административен,технички и за прием и прифат на мигранти, појаснува Стојановски.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG