Достапни линкови

Сириската опозиција прифаќа преговори со Асад


Повеќе сириски опозициски групи се согласија да се сретнат со владата во наредниот месец на разговори за политичко решавање на петгодишната граѓанска војна. Соединетите Држави го поздравија договорот како важен чекор кон мирот во Сирија и кон транзицијата на власта во таа земја.

Заеднички тим на сириската политичка и вооружена опозиција ќе се сретне со владата во наредниот месец на разговори за барање политичко решение на скоро петгодишната граѓанска војна во таа земја.

По дводневните разговори во Ријад, спонзорирани од Саудиска Арабија, над 100 делегати, почнувајќи од секуларни политичари во Дамаск до екстремни исламистички бунтовници, се согласија на мировни преговори со владата на претседателот Башар ал Асад.

На собирот во Ријад учествуваа претставници на повеќето опозициски групи освен на милитантите на Исламската држава и на Фронтот Нусра, која е огранок на Ал Каеда во Сирија.

Исто така на разговорите немаше претставник на главните курдски сили кои контролираат големи делови во северот на Сирија.

Сириската опозиција има услов за нејзино учество на преговорите: Башар ал Асад и неговите соработници да ја напуштат владата во почетокот на транзицискиот период со цел да се организираат демократски избори.

Спогодбата за малку немаше да биде потпишана откако моќната бунтовничка група Арар ел Шам наведе дека се повлекува од состанокот бидејќи на него главна улога имала Националното координативно тело за демократски промени со седиште во Дамаск и кое соработува со претседателот Башар ал Асад.

Како и да е, финалната спогодба за преговори со Асад била потпишана и од делегатот на оваа бунтовничка група.

Ваквиот инцидент само ги потенцира големите разлики меѓу непријателите на Асад што ги усложнуваат напорите на западните и арапските земји да се постигне доволен политички и воен притисок врз претседателот Асад да се повлече од власта.

Абдулазиз ал Сагер кој претседаваше со состанокот во Ријад најави дека опозицијата ќе се сретне со сириската влада во првите десет дена од јануари.

Тоа ќе биде уште еден обид за ставање крај на конфликтот во кој сега се вклучени и сили од Соединетите Држави, Русија, Европа и Арапскиот свет.

Во изјавата од состанокот се наведува дека прекинот на огнот во Сирија треба да го надгледуваат Обединетите нации.

Исто така се додава дека опозицијата има услов за нејзино учество на преговорите: Башар ал Асад и неговите соработници да ја напуштат владата во почетокот на транзицискиот период со цел да се организираат демократски избори.

Вашингтон го поздрави договорот како важен прв чекор во подготовката на основите за преговори со претседателот Башар ал Асад.

„Го поздравуваме позитивниот исход на овој собир на сириската опозиција во Ријад за постигнување консензус за принципите за една плуралистичка и демократска Сирија и за тоа како да се унапреди политичкиот договор за окончување на конфликтот во Сирија. Ние го цениме тоа што оваа исклучително разновидна група на Сиријците ги остава настрана разликите во интерес на изградбата на нова Сирија“, рече портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби, кој всушност ја прочита пораката на американскиот државен секретар Џон Кери во врска со состанокот.

Тој додаде дека се уште има уште многу рабата, но оти договорот влева надеж дека е можен мир во Сирија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG