Достапни линкови

Границите за мигрантите затворени, шверцерите на луѓе тријат раце


Полицијата кај Неготино откри возило со 12 илегални мигранти од Иран. Активистите предупредуваат дека затворањето на границата за економските мигранти ги враќа на сцена криумчарите на луѓе.

Од МВР велат дека последните неколку денови забележана е појава на илегален влез на економски мигранти, но оти засега е регистриран единствено вчерашниот случај на клучката кај Неготино каде полицијата откри 12 илегални мигранти од Иран. Возачот кој ги превезувал мигрантите од Иран побегнал пред да го фати полицијата, а мигрантите се пренесени во полициска станица и ќе бидат сместени во Прифатниот центар за странци во Гази Баба од каде ќе бидат вратени назад во нивната земја, вели Наталија Спирова Кордиќ од МВР.

Ние работиме постојано на утврдување и на разоткривање на ваквите, но последниот случај е овој со откриените мигранти на клучката кај Неготино. Се работи на утврдување на возилото, кој е сопственикот на возилото и дали сопственикот на возилото е и тој што бил возач на возилото.

„Ние работиме постојано на утврдување и на разоткривање на ваквите, но последниот случај е овој со откриените мигранти на клучката кај Неготино. Се работи на утврдување на возилото, кој е сопственикот на возилото и дали сопственикот на возилото е и тој што бил возач на возилото“, вели таа.

Во изминатите неколку денови, активисти од невладините организации предупредуваа дека селективното пропуштање мигранти само од Сирија Авганистан и Ирак ќе води кон повторно инволвирање на криминалните мрежи во криумчарење мигранти. Јасмин Реџепи од Легис предупреди дека појава на илегален влез на економски мигранти има и на јужната и на северната граница. Повторно се забележуваат луѓе кои се движат пеш во помали групи од по десетина лица, вели тој.

„Економски мигранти одат пешки низ автопатиштата и низ пругите, каде застануваме и им даваме храна. Тие се движат додека не стигнат пешки после Куманово, во познатите села Ваксинце или Лојане. Тоа значи дека тие канали на илегален влез и натаму функционираат“, вели тој.

Македонскиот и српскиот народен правобранител Иџет Мемети и Саша Јанчевиќ, кои изминатите денови беа во обиколка на северната граница од страната на Табановце и Прешево, предупредија дека повторно ќе се активираат старите криминални канали.

„Веќе ни кажаа луѓето кои работат овде, на прифаќањето на мигрантите, дека неформалните канали повторно се активираат, токму поради оваа забрана“, рече Јанчевиќ.

Мемети повтори дека негова препорака е оти Македонија треба да им даде меѓународна заштита на бегалците, без оглед од каде доаѓаат. Тој дополни дека ги информирал нашите власти дека низ територијата на Македонија пешачат бегалци.

„Се случува бегалците да ги фаќа полицијата, па и лицата кои, сметајќи дека им помагаат на бегалците, кривично да одговараат“, рече Мемети.

Инаку денеска на грчката страна од границата во тек е голема акција за отстранување на економските мигранти, а според информациите до претпладне останеле уште околу 200 мигранти.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG