Достапни линкови

logo-print

Неподнослива леснотија на ветувањата


Премиерот Никола Груевски држи говор на свечена академија по повод 8 Декември - Денот на Св. Климент Охридски.

Премиерот Никола Груевски држи говор на свечена академија по повод 8 Декември - Денот на Св. Климент Охридски.

Најави за бесплатен превоз за студенти, бесплатна среда за средношколци, повисоки плати, пензии, социјални трансфери. Ветувањата се нижат, но тоа мора некој да го плати. Од народот за народ со кредит.

Најавената реформа од страна на премиерот за бесплатниот превоз доаѓа во време пред избори, но ние уште еднаш ќе порачаме – не чекаме избори!, велат од Студентскиот пленум.

Веројатно сега во недостаток на средства и измешани приоритети на владата, како градење панорамски тркала, рингишпили, споменици, ова беше начинот да им се фрлат трошки на студентите, пред избори, односно да се замолчат.

„Но и во време која студентите се погласно зборуваат за ужасните услови во студентските домови, за лошите реформи во образованието, а и општо за многу лошиот студентски стандард во Македонија. Веројатно сега во недостаток на средства и измешани приоритети на владата, како градење панорамски тркала, рингишпили, споменици, ова беше начинот да им се фрлат трошки на студентите, пред избори, односно да се замолчат“, вели Демијан Хаџи Ангелкоски од Студентскиот пленум.

Од Пленумот додаваат дека не се задоволни од оваа мерка.

„Не знаеме како во владата ги средуваат нивните приоритети, но оваа мерка во недостаток на достоен живот во студентските домови, пристап до дата базите за литература или пак контроверзниот закон за медицински студии којшто е се уште на сила и многу други студентски проблеми, изгледа во најмала рака незадоволувачки и како познат предизборен трик. Ние повторно ќе порачаме дека не чекаме избори“, вели Демијан Хаџи Ангелкоски од Студентскиот пленум.

Од јануари бесплатен превоз за редовните студентите од државните факултети и бесплатни карти за кино, театар, жичара, воз во среда за средношколците. Ова е последното од ветувањата на премиерот. Тој ветуваше и повисоки плати, пензии, субвенции.

Владата за да ја имплементира оваа мерка ќе исплаќа трансфери на средства кон соодветните единици на локална самоуправа, рече Груевски. Досега Владата се задолжува за да исплати плати, пензии, социјални трансфери. Според нив исплатата на пензиите ќе беше доведена во прашање, ако не се задолжеа кај домашните банки.

Сите тие ветувања се уште еден обид за придобивање гласови, но ништо не е бесплатно, се ќе си платиме еден ден, вели професор Арсим Синани.

„Некако ние тие пари ќе ги платиме, овие трошоци што оваа влада ги прави. Тоа се знае и се гледа по задолжувањата што ги имаме и со надворешните и со внатрешните банки. Ова е една кампања за да се остане на власт и понатаму“, вели Синани.

Премиерот во името на народот се пресметува со политичките противници, од народот чека за се изјасни за извештајот на ЕУ, за одлучува за избори, во името на народот се задолжува. Во вчерашниот празничен говор за „Свети Климент“, премиерот рече: „Секој оној кој се дрзнува да го навреди народот, да го потцени, да го заплаши, ќе наиде на препрека во мене лично и во политичка гарнитура која ја предводам“, рече Груевски.

Синани вели дека Груевски цело време зборува за народот, а всушност народот никаде го нема.

„Груевски е сам народот, Груевски е споменици, тој е Република Македонија, тој е знамето и тој цело време зборува за народот, а народот не го гледаме ниту на мостот во Скопје, ниту во Струмица, Охрид, ниту во Тетово, никаде не го гледаме тој народ. Народот од него бега, а зошто бега, мислам дека тоа ќе го сфати после изборите“, вели Синани.

Најавените проекти за студентите и средношколците се дел од една поширока палета од 100 мерки и проекти кои биле изготвени врз основа на добиени идеи од страна на млади лица, рече премиерот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG