Достапни линкови

logo-print

За нечисто Куманово виновни и граѓаните и „Чистота“


Контејнери полни со смет во близина на гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово.

Контејнери полни со смет во близина на гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово.

Кумановци незадоволни од комуналната хигиена за што го обвинуваат ЈП „Чистота“, од Јавното претпријатие пак велат дека виновни се дел од граѓаните.

Куманово не може да се пофали со комунална хигиена. Граѓаните вината ја префрлаат на локалното комунално претпријатие „Чистота и зеленило“ дека недоволно го чисти градот, периферните улици и населби. Од „Чистота“ пак сметаат дека тие работат согласно законските обврски и техничките можности, при тоа нагласувајќи дека има несовесни и неодговорни граѓани, со ниска еколошка свест.

И самите граѓани треба да бидат повнимателни, да не фрлаат ѓубре насекаде, има корпи за таа намена, а не да фрлаат каде ќе им текне.

„Чистота ги одржува главните улици и Плоштадот, но периферните улици и населби не ги чисти. Може редовно сметот да се изнесува и да се одржува хигиената.“

РСЕ: А Граѓаните?

„И самите граѓани треба да бидат повнимателни, да не фрлаат ѓубре насекаде, има корпи за таа намена, а не да фрлаат каде ќе им текне.“

„Однапред улицата е чиста оти е главна, но таму кај што се влезовите, а нашата зграда има пет влeзoви, воопшто не се чисти. Не се одржува хигиена.“

„Сите редовно плаќаме, а не сме задоволни од „Чистота.“ Погледнете ја и реката, на што личи тоа! Овој градоначалник воопшто не мисли за градот“, велат некои од запрашаните кумановци. Некои пак забележуваат дека комуналните работници ги метат улиците наутро кога е најголема фреквенцијата на луѓето. За ова Сашо Петрушевски директор на ЈП „Чистота“ вели дека тоа е законска обврска,а не волјата на претпријатието.

„По насоки на трудовата инспекција и по Законот за одржување на јавно-прометни површини, имаме летен и зимски период за одржување на улиците. Сега сме во зимски период и според Законот ние не можеме ноќе да ги чистиме улиците,иако тоа е полесно и за нас.“

Тој појаснува дека немаат друг избор освен да работат согласно Законот, во спротивно казните се високи. Инаку, според Петрушевски метењето на улиците започнува во раните утрински часови, но поради големината на градот, не можат работниците да завршат за кусо време.

За изнесување на сметот од периферијата Петрушевски вели дека и покрај разговорите со претставниците од месните заедници да не се исфрла шут, кој пак не може да биде собиран во возилата со преси, тие се соочуваат со неодговорно однесување на некои граѓани, кои фрлаат се и сешто.

„Нивото на еколошката свест на населението во одреден дел од средини е многу ниско, а нашата обврска според Законот за комунални дејности е да изнесуваме само смет од домаќинствата. Ние наидуваме на разни отпади кои се габаритни.“

Тој се надева дека во иднина со воведување селекција на сметот и со разни кампањи населението ќе го смени своето однесување, за што според него треба трпение и вклучување на невладини организации вклучени во тоа.

Упатените пак велат, дека одговорноста за нечист град е и кај граѓаните и кај „Чистота.“ Граѓаните тешко се навикнуваат самите да се грижат за својата животна средина, во претпријатието пак, механизацијата е застарена и во дефект, но и бројот на општите работници е многу мал во однос на партиските активисти вработени во администрацијата.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG