Достапни линкови

logo-print

Обама вети дека ИД ќе биде уништена


Американскиот претседател Барак Обама изјави дека неодамнешното пукање во Калифорнија кога загинаа 14 луѓе било терористички напад и оти двајцата напаѓачи „тргнале по темниот пат на радикализација“. Тој вети дека екстремистичката терористичка група Исламска држава ќе биде уништена.

Во телевизиското обраќање од Белата куќа, што е негов трет таков говор во досегашниот седумгодишен мандат, Обама оцени дека заканата од тероризмот еволуира.

„Заканата од тероризмот е реална. Но, ние ќе ја надминеме. Ќе ја уништиме Исламската држава и која било друга организација која ќе се обиде да ни наштети“, изјави Обама во 14 минутниот говор кој следуваше откако еден брачен пар изврши напад во еден центар за социјална грижа во Сан Бернардино, Калифорнија при што загинаа 14 лица, а над 20 беа ранети.

​Обама ги повика муслиманските заедници во светот да ги отфрлат радикализмот и идеологијата на ИД, како и да и се приклучат на борбата против тероризмот. Тој повтори дека нема конфликт меѓу Западот и исламот.

Обама додаде дека Соединетите држави не треба да живеат во страв и да не ги осудуваат сите муслимани во земјата за неодамнешниот напад.

Според него, тоа не треба да води кон воведување рестрикции за мигрантите во Соединетите држави врз верска основа. Тој исто така побара построги закони против носењето оружје.

Заканата од тероризмот е реална. Но, ние ќе ја надминеме. Ќе ја уништиме Исламската држава и која било друга организација која ќе се обиде да ни наштети.

Американскиот претседател рече и дека со сегашната западна стратегија на воздушни напади врз цели на милитантите на Исламската држава во Сирија и Ирак ќе се постигне значајна победа, но наведе дека Соединетите држави мора да избегнат нова копнена операција.

„Ние не треба да бидеме вовлечени уште еднаш во долга и скапа војна на копно во Ирак и Сирија. Тоа е она што групите како Исламската држава го сакаат“.

Обама додаде дека Соединетите држави тесно соработуваат со сојузниците во светот во обид да се пресечат изворите за финансирање на милитантите на Исламската држава.

Некои републиканци кои се натпреваруваат да ја добијат номинацијата на нивната партија за претседателски кандидат на изборите во идната година го критикуваа говорот на Обама.

Милијардерот Доналд Трамп кој во моментов води на анкетите на Твитер напиша дека на Соединетите држави им треба нов претседател и тоа брзо.

Сенаторот на Флорида Марко Рубио пак изјави дека Обама не би требало да ги критикува американците за дискриминаторски однос спрема муслиманите.

„Мислам дека претседателот воопшто не ги подобри работите вечерва. Страхувам дека тој ги влоши работите во главите на многумина американци“, изјави Рубио.

Последното обраќање на претседателот Барак Обама од Овалната соба која е симбол на претседателската моќ беше во август 2010 година кога тој го поздрави крајот на американските борбени операции во Ирак.

Едно од клучните ветувања на неговата кампања, беше дека ќе ги извлече американските војници од Ирак.

Како и да е, неговата политика беше шокирана од метеорскиот подем на милитантите на Исламската држава. Од лани досега Обама во Ирак распореди 3 ипол илјади американски војници.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG