Достапни линкови

За идејата на универзитетот и неговата состојба денес


Стефан Видиков, младинската организација „Мугра“.

Стефан Видиков, младинската организација „Мугра“.

Нашите универзитети, потпишувајќи ја Болоњската декларација во 2003 година, всушност ја потпишаа капитулацијата на својата интелектуална и морална независност од политичко-економската моќ, и постанаа инструмент во рацете на владејачките гарнитури и потребите на економските моќници во државата, пишува Стефан Видиков од младинската организација „Мугра“ во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

„За да одговорат на потребите на современиот свет, универзитетите во рамките на својата мисија во науката и образованието мора да имаат морална и интелектуална независност наспроти политичката и економската моќ.“ Член 2 од Основни принципи на Magna Charta Universitatum.

Нашите универзитети, потпишувајќи ја Болоњската декларација во 2003 година, всушност ја потпишаа капитулацијата на својата интелектуална и морална независност од политичко-економската моќ, и постанаа инструмент во рацете на владејачките гарнитури и потребите на економските моќници во државата.

Ако оваа пропозиција ја земеме како појдовен аксиолошки аксиом и при тоа го насочиме нашето внимание кон универзитетите во нашата држава, тогаш веднаш ќе согледаме дека нашите универзитети претставуваат депласирани симулакруми на вистинската идеја за универзитетот. Оваа констатација некои би можеле да ја толкуваат како изнасилена, но пред да се избрза со таков суд вреди на кратко да се погледне низ историјата на ваквите институции, на дефинициите за нив и на личните примери на нивните најзнаменити интелектуалци и од таму да се обидеме да ја изведеме определбата на универзитетот, па потоа да просудиме дали нашите универзитети ја остваруваат во пракса.

Еден од првите облици на системски организиран научен живот кој може да го земеме како прототип на подоцнежните универзитети е Платоновата академија - основана во 387 г.п.н.е. во непосредна близина на Атина. Целта на постоењето на Академијата Платон ја поставува во произведувањето на философи-владетели (нивната теоретска оправданост ја наоѓаме во неговото дело Држава), чија задача би била во пракса да ја спроведат идејата за идеалната држава, односно полис. Преку вака поставената цел на Академијата ние би можеле да го видиме раѓањето на тенденцијата на мислата (знаењето) да се претпоставува во однос на постоечките општествени околности и во зависност од своето идејно устројство да ги еволуира, укине или надмине.

Еден друг значаен пример, кој преку неговата сопствена историја натежнува во прилог на тезата која ја градиме, е првиот Европски универзитет или универзитетот во Болоња. Уште од неговото основање во 1088 година се покажува неговата непомирливост и непокорливост кон локалната власт. Тој е основан од групи на таканаречени нации - кои се самоорганизирани граѓани што се спротивставуваат на локалните закони, кои пак предвидувале колективна казна за туѓинците во градот. Овие таканаречени нации почнуваат да живеат заедно со цел да се образуваат со тоа што организирале предавања на кои предавале схоларсите од градот и на тој начин со знаење да се бранат од политичката моќ. По долга борба со власта тие извојувале победа и успеале да ги засноват принципите кои во иднина ќе претставуваат вредносни парадигми за сите универзитети во светот. Не случајно е што првите научни насоки во наставата на Болоња биле изучувањата во областа на правото (основата на општественото организирање) - што повторно го прави видливо настојувањето на мислата преку универзитетот да биде центар околу кои ќе се ориентира општеството.

Оваа тенденција на мислата да се претпоставува над останатите општествени сегменти (во својство на критика), според мене најуспешно ја забележал Имануел Кант, правејќи дистинкција помеѓу јавната употреба од расудувањата на поединецот (public use of one`s reason) и приватната употреба од расудувањата на поединецот (private use of one`s reason) во својот есеј од 1784 година – „Што е просветлувањето?“. Да претпоставиме, поради нашата цел овде, дека оваа дистинкција е насочена (во овој контекст) кон припадниците на академската заедница. Оттука тие, бивајќи дел од една институција како што е универзитетот, се принудени да ја исполнуваат приватната употреба од своите расудувања, која претставува извршување на претходно рационално одредени (во некои случаи може да се каже догматизирани) механички или интелектуални активности, сè со цел да ја исполнат својата задача во институцијата и воедно да ја исполнат општествена задача на универзитетот (пр. професорите без внесување на своите видувања се должни да го пренесат квантумот на знаења на студентите), но тие исто така, бивајќи дел и од една поголема општост, имено целото општество или во крајна линија целата цивилизација во својство на интелектуалци, според Кант, имаат обврска критички да ги преиспитаат сите општествени поставености, вклучувајќи ја и својата позиција во општеството и тоа да го направат во јавната сфера - како би ја унапредиле таа поголема општост кон која припаѓаат со што ќе ја остварат јавната корист на своите расудувања.

Како најсоодветен пример за примена во пракса на Кантовата препорака може да се наведе оној на големиот британски филозоф Бертранд Расел. Имено, доживувајќи го како обврска давањето на бескомпромисна критика кон погрешноста на општеството и во 1918 година критички спротивставувајќи се на приклучувањето на армијата на САД кон британската страна во Првата светска војна, тој завршил во 6-месечен затвор и тоа не поколебувајќи се за својот загубен комодитет. Вакви примери би можеле да се наредат уште многу и тоа од активизмот на Жан Пол Сартр и на Мишел Фуко во протестите во 1968 па сè до денешните политички залагања на Славој Жижек, Алан Бадју и други.

Од претходно кажаното се создава можност да се сумира една задоволителна определба за тоа што претставува универзитетот. Универзитетот е место каде што во принцип е собрано целото знаење на едно општество. Знаење кое понатаму има тенденција да се развива и афирмира преку негова објективација во самото општество, а со тоа и да постане центар околу кој ќе се ориентираат останатите општествени компоненти. Што значи дека универзитетот во идеја е место што во потенција го содржи идното општество. Од што следува дека во универзитетите се исцртуваат контурите на иднината на општеството и доколку се посакува добра иднина, треба безусловно да се почитува универзитетската автономија и слобода, а при било каква комуникација и консултација со универзитетот треба да се пристапува со особено внимание и почит. Па оттаму е сосема совмесна констатацијата (која треба да ја сфатиме како императив) од Magna Charta Universitatum со која ја започнавме колумната. Но сега се поставува прашањето што се случува со нашите универзитети?

Нашите универзитети, потпишувајќи ја Болоњската декларација во 2003 година, всушност ја потпишаа капитулацијата на својата интелектуална и морална независност од политичко-економската моќ, и постанаа инструмент во рацете на владејачките гарнитури и потребите на економските моќници во државата. Што всушност е проблематично во оваа декларација?

Уште пред да се почне со подробна анализа на текстот, она што го засега нашето внимание е тоа што помеѓу потписниците на овој текст не може да се најде ниту еден припадник на некој од европските универзитети, туку напротив, таму стојат потписите на министрите за образование на 29 земји од Европа - што во основа значи нарушување на автономијата на универзитетот со тоа што на универзитетот од надвор (од извршната власт) му се сугерира како да функционира.

Но, далеку позагрижувачка е ситуацијата кога се соочуваме со втората цел од оригиналниот текст - кон која е насочена Болоњската декларација, а што според мене ја сочинува нејзината суштина. А тоа е дека студиските програми на универзитетите треба да се усогласени и прилагодени кон потребите на Европскиот пазар на трудот, што во основа значи дека универзитетите се во директна зависност од ЕПТ. Следствено универзитетите ја губат својата морална и интелектуална независност од страна на економската моќ (според мене и економско-политичка) и постануваат институции за произведување на кадар кој ќе ги задоволи потребите на ЕПТ, а не места каде што ќе се развива критичката мисла и ќе се прават продлабочени изучувања на научните области. Со ова се одзема слободата на универзитетот сам да го трасира патот по кои ќе ја остварува својата дејност. Понатаму исто така неговите два основни конструкти - професорите и студентите ги прави едните во даватели на услуги, а другите купувачи на истите и дополнително ги понижува со тоа што од нив прави професионални експерти (егзекутори во посебни подрачја) кои за цел имаат да се вклопат во системот, а не истиот критички да го преиспитаат.

Во Македонија, Болоњската декларација ја исполни својата намена и им даде правна подлога на властите и економските моќници да ги натамамуваат универзитетите според своите потреби. Па така од 2003 па наваму Законот за високо образование доживеа над 20 негови измени во кои плански, обмислено и во континуитет се намалуваа слободите и автономијата на универзитетите, а тие се претвораа во инструмент на политичката и економската волја на власта и богатите. Ваквата тенденција доведе до еден навистина апсурден момент минатата година кога власта побара да го проверува (квалитетот), знаењето на универзитетите, небаре е компетентна тоа да го прави, што алегориски би можело да се замисли во една хипотетичка гротескна ситуација, како на пример рацете да почнат да ја проверуваат логичката конзистентност на умот. На овој апсурд му претходеа и некои други измени како: рестрикцијата на кадарот, укинувањето на асистентите, поставувањето на некомпетентни ректори и министри за образование, укинувањето на приемните испити, недоволното финансирање на универзитетите и други вакви решенија што би можело да се сметаат како последици на законската инфериорност на универзитетите во однос на политичката и економската моќ. Па оттука поради ваквите измени појавите на професори во својство на адвокати на ѓаволот, користењето на универзитетот во изборни спотови, партиското агитирање на студентите, свесното релативизирање на проблемите и други вакви појави не треба воопшто да нè вчудоневидуваат.

По наведеново лесно е да се заклучи дека нашите универзитети претставуваат депласирани (неумесни) симулакруми на идејата за универзитетот. Но, во никој случај не смееме да останеме само на таа констатација, туку напротив сега кога ја утврдивме дијагнозата време е да ја примениме соодветната терапија. По минатата година сега ја имаме најсоодветната ситуација кога универзитетот може да се обедини во име на својата иднина и како институција составена од еднакви чинители (професори и студенти) да го заземе местото кое навистина му припаѓа. Универзитетот мора да исплоди соодветни решенија за проблемите, кои би дошле директно од него. Време е тој најпрво да ги ампутира своите гнили и нефункционални делови, а потоа да се насочи кон сериозна и објективна критика кон општествената затекнатост во која се наоѓа. И за крај време е универзитетот да биде освестувачка шлаканица на политичката неморалност во која како општество западнавме, зашто само тој ја има позицијата на надреденост во идеја над другите општествени сегменти и само во него може да се препознае иднината на општеството и преку него да се оствари.

XS
SM
MD
LG