Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ против Ванхауте, ама не кажува зошто


Од ВМРО-ДПМНЕ се против, како што велат, експерименти со медиумите, но не кажуваат што точно им е неприфатливо од предлогот на Ванхауте. За СДСМ, пак, предлозите на посредникот се прифатливи.

Нема да дозволиме Македонија да стане ниту хибрид, ниту експеримент и ќе се спротивставиме на сите обиди без разлика од кого доаѓаат за партизација на институциите кои се занимаваат со таа сфера и на зголемување на казните за новинари, на можноста да се забрани вршењето на професијата новинар или пак дејноста на медиумот. Ова меѓудругото е одговорот на претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во разговорите за медиумите Илија Димовски на прашањето што точно од предлогот на меѓународната заедница е неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ.

Повеќето работи што се предложени ги нема во ниту едно законодавство. Ние како тим добро сме подготвени, ги имаме сите закони што ја регулираат оваа област, ги имаме сите искуства и она што беше и она што беше предложено од Ванхауте не можеме да го најдеме во ниту еден закон од ЕУ.

РСЕ: Рековте дека она што го предложи Ванхауте го нема ниту една европска земја и дека тој закон е практично хибриден. Што точно од тоа што го предложи Ванхауте е неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ?

​„Повеќето работи што се предложени ги нема во ниту едно законодавство. Ние како тим добро сме подготвени, ги имаме сите закони што ја регулираат оваа област, ги имаме сите искуства и она што беше и она што беше предложено од Ванхауте не можеме да го најдеме во ниту еден закон од ЕУ“, рече Димовски.

РСЕ: Тоа значи дека се што е предложено е неприфатливо?

„Поголемиот дел од тоа го нема во ниту едно законодавство“, рече Димовски.

РСЕ:Со предлозите за изборите на советот сметате дека поголема партизација ќе има на Агенцијата?

„Да, затоа што ако се прифати тој концепт советите ќе се сведат на усогласување меѓу партиските групи во собранието“, рече Димовски.

Во законот што го предлага меѓународната заедница се предвидува членовите на советот на Агенцијата за аудиовизуелни услуги да се бираат со двотретинско мнозинство во Собранието, а да може да конкурираат истакнати професионалци кои треба да обезбедат поддршка или од две невладини организации, или од едно новинарско здружение, или од два универзитети засегнати од работата на Советот, или од Синдикатот на новинари. Директорот на Агенцијата пак ќе го именува Советот. На сличен начин ќе се бира и советот на МРТВ. Јавниот сервис и комерцијалните телевизии пак владините кампањи би требало да ги емитуваат бесплатно само ако се од јавен интерес. За комерцијалните телевизии од странците предлагаат и намалување на данокот од 18 на 5 отсто а исто така и кабелските оператори да треба да плаќаат за нивното реемитување. За јавниот сервис пак се предлага буџет кој би изнесувал еден отсто од државниот.

„Голем дел од предлозите што се веќе изнесени, ние се произнесовме, апсолутно да, прифатливи се, сето она што значи департизирање на оваа сфера, се што значи демократизирање и можност медиумите нормално да работат тоа е прифатливо“, рече претставникот на СДСМ во преговорите за медиумите Роберт Поповски.

Последниве неколку дена пак по презентацијата на предлогот на Ванхауте во дел медиуми се јавува дека посредникот се однесувал недолично и како застапник на барањата на СДСМ.

И премерот Груевски вчера лично му порача да не ја влoшувал ситуацијата, туку да работел на подобрување на атмосферата во преговарачакиот процес, бидејќи за тоа бил и платен. Димовски денеска пред почеток на разговорите во Клубот на пратениците побараа во нив да се вклучеле и претставници и новинарските организации, на што реагираше Поповски наведувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не го прифатила предлогот на СДСМ, медиумите, новинарите и еснафот да бидат присутни внатре на преговорите и дека ова што денеска го направиле требало да го направат пред три или четири недели бидејќи роковите за договор се пробиени неколку пати.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG