Достапни линкови

Во битката против ИД, не се доволни само воздушни напади


Во Белград се одржува дводневна министерска конференција на ОБСЕ, на која главни теми се битката против тероризмот и екстремизмот и мигрантската криза. На маргините на состанокот, одржана средба Кери – Лавров.

Шефовите на дипломатиите на Соединетите Држави и на Европската Унија, Џон Кери и Федерика Могерини, порачаа дека е потребна заедничка борба против тероризмот, но оти за справување со заканите од така-наречената Исламска Држава, мора да се смени режимот на сиријскиот претседател Башар Ал Асад. Кери додаде дека во битката против Исламската Држава не се доволни само воздушни напади, туку се потребни и копнени трупи, сириски и арапски.

Според многумина, клучна средба на собирот во Белград е состанокот меѓу министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров со американскиот државен секретар Џон Кери. Тие, по 30-минутната билатерална средба, не дадоа изјави за новинарите. Зад затворени врати, средба на Лавров и со шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу.

Обраќаји се на собирот во Белград, премиерот на Србија, Александар Вучиќ, предупреди дека Балканот и натаму е „буре барут“ и оти е доволна една искра за да експлодира. Притоа Вучиќ ги посочи како можни кризни жаришта Босна и Херцеговина, Косово и Македонија.

Кери додаде дека во битката против Исламската Држава не се доволни само воздушни напади, туку се потребни и копнени трупи, сириски и арапски.

Претседавачот на ОБСЕ, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, оцени дека главни задачи на оваа организација се деескалација на ситуацијата во Украина и заеднички одговор на другите транс-национални закани.

Во врска со ситуацијата во Украина, Кери и Могерини ја повикаа Русија да соработува со Киев и да обезбеди спроведување на договорот од Минск. Могерини додаде дека на Крим се кршат човековите права и оти тоа го регистрирал и ОБСЕ.

На отворањето на состанокот во Белград, генералниот секретар на ОБСЕ, Роберто Заниер, нагласи дека земјите членки треба да бидат обединети во борбата против екстремниот радикализам и тероризам, како и во решавањето на мигрантската криза.

На состанокот на ОБСЕ во Белград учествуваат околу илјада претставници на делегации од 57 држави.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG