Достапни линкови

logo-print

Светот на сребрениот кладенец на Милков – македонски Хари Потер


„Светот на сребрениот кладенец“ е насловен деби романот за деца на Коста Милков, што деновиве го публикуваше издавачката куќа „Метаноја“ од Скопје. Станува збор за ретка објава во домашната книжевност и за дело за кое во поговорот Оливера Ќорвезировска ќе забележи дека е македонски „Хари Потер“, наш „Хобит“ и „Господар на прстените“.

Аурурово, обично село во пазувите на планината Вита. Или пак и не така обично? Аурурово крие тајна чие откривање ќе поведе две деца, брат и сестра, Златко и Златанка на опасни патувања во непознат свет со кој владее лукава сребрена змија по име Аргир. Низ овие патешествија тие ќе се запознаат со вистинското потекло на татко им Платнар. Јавнати на еднорози Златко и Златанка ќе војуваат против Аргир со харфа и со песна наспроти копјата и стрелите на неговата војска. Ќе излезат ли нотите и мелодијата посилни од ѕвекотот на оружјето?

Затоа измислив еден свет, кој некогаш бил златен, и во тој златен свет имало луѓе кои живееле по нотите кои се свират во седум-осмини. Свет кој преку пеење постојано дарувал нешто од себе. И тоа било така сè додека не се случува преврат и луѓето, за да можат во тој свет да живеат вечно без да чувствуваат било каква болка и страдање, се откажуваат од својата златна природа и ја заменуваат за сребрена.

Ова е кусиот опис за „Светот на сребрениот кладенец“, романот за деца на Коста Милков. Во најавата за изданието на „Метаноја“ што беше публикувано деновиве стои и тоа дека станува збор за приказна за два света, две деца и еден татко кои низ разни искушенија ќе се соочуваат со изборот да му се противстават на злото и да се борат во името на доброто по цена на големи жртви и болка, или пак да тргнат по навидум полесниот пат без отпор кој нема да ги чини напор и болка, но ќе ги чини она заради што животот е вреден за живеење: радост и љубов.

А, авторот, пак, откако ќе забележи дека литературата е неговата прва љубов, дека пораснал слушајќи, читајќи и потоа раскажувајќи приказни, знае да каже дека „Светот на сребрениот кладенец“ е резултат на една интимна сторија. Тој, меѓу третата и деветтата година на својата ќерка пред да заспие морал да и измислува и потем да и раскажува по една приказна.

„Дел од тие приказни почнуваат да развиваат и свои топоними, имиња, контексти и така еден збор водеше до друг, по што јас развив цел еден паралелен свет кој го нареков „Светот на сребрениот кладенец“, вели авторот.

Милков дополнува дека содржината на романот има и една своја визија – да проговори за времето во кое живееме - 21 век, едно забрзано време, време на отуѓеност, индивидуализам, консумеризам, уништување на животинскиот свет и природата околу нас. Всушност сакал преку приказна на својата ќерка да и порача дека тоа наедно ќе биде и најголемиот предизвик на нејзината генерација – опстанокот на светот и опстанокот на човештвото.

„Затоа измислив еден свет, кој некогаш бил златен, и во тој златен свет имало луѓе кои живееле по нотите кои се свират во седум-осмини. Свет кој преку пеење постојано дарувал нешто од себе. И тоа било така сè додека не се случува преврат и луѓето, за да можат во тој свет да живеат вечно без да чувствуваат било каква болка и страдање, се откажуваат од својата златна природа и ја заменуваат за сребрена. Среброто е исто така благороден метал, но со време тоа потемнува. Од таму луѓето ги губат своите способности и влегуваат во апатија. Живеат вечно, меѓутоа отуѓени едни од други. Така почнува битката за обновата на златниот свет и тоа е заплетот и расплетот на книгта за деца“, вели Милков.

Професор Владимир Мартиновски, еден од промоторите на книгата, истакнува дека „Светот на сребрениот кладенец“ не само што е значајна објава за македонската литература, туку и извонредно напишано четиво за децата и за возрасните. Појаснува дека станува збор за една бајка во која на многу атрактивен начин, преку метафората за златото и среброто се третираат голем број етички прашања поврзани со современото човештво.

„Особено тоа се прави преку метафората за среброто преку која се праќа пораката дека човештвото е отуѓено. Дека станало индиферентно кон битните проблеми и стрдањата на другите луѓе“, вели тој.

Од своја страна, пак, Оливера Ќорвезироска, во поговорот за романот, меѓу другото пишува дека „Коста Милков успеал да создаде впечатлив, првенствено потребен, на извесен начин речиси неопходен, роман во домашната книжевност. Таа смета дека „Светот на сребрениот кладенец“ е наш „Хари Потер“, наш „Хобит“ и „Господар на прстените“.

Роден 1970 година во Струмица, Милков се образувал во Скопје, Осијек, Бостон и на Оксфорд. Тој е теолог по професија, претседател на Балканскиот институт за вера и култура, автор на бројни стручни написи и говорник со меѓународно искуство.

Инаку, покрај стручните текстови, Милков пишува поезија („Барајќи го зборот“ - Метаноја, 2013) и проза (во ракопис има збирка раскази и една новела за возрасни кои што чекаат на објавување), а „Светот на сребрениот кладенец“ е неговиот прв роман.

Убавиот прием на делото кај публиката и стручната јавност сега на авторот, како што вели самиот, му отвора простор да напише уште неколку книги со слична тематика или во истиот тој контекст. Еден серијал кој би понудил одговори за тоа како светот стигнал до тој момент од кај што почнува и како таа приказна продолжува во различни светови.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG