Достапни линкови

logo-print

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека досега е откриено оти од 105-те пријавени фалсификувани документи, откриле дека 90 од нив содржат украден идентитет.

Која странска служба стои зад масовното прислушување во земјава, дали вреди да се даде 600 илјади евра за мерцедес наспроти бедата на граѓаните и дали новиот министер за внатрешни работи од СДСМ Оливер Спасовски ќе си поднесе оставка од една од двете функции кои ги води и како министер и како генерален секретар на партијата? Ова беа дел од пратеничките прашања кои беа поставени денеска на првата седница на која во Собранието одговараат и министрите од СДСМ.

Врз основа на наредбата на јавниот обвинител се вршат проверки во ДИК и во Завод за статистика да видиме дали биле употребени и дали се користени за други цели. Најважно е да имаме квалитетна истрага која ќе даде одговор на прашањето кој ги фалсификувал, зошто, под чија наредба.

На прашањето за аферата со лични карти за која претставниците на ВМРО-ДПМНЕ постојано бараат резултати од истрагата за да се тргне, како што велат, сомнежот во јавноста за наводни злоупотреби на лични карти и потенцијални манипулации на следни избори, Спасовски истакна дека досега е откриено оти од 105-те пријавени фалсификувани документи откриле дека 90 од нив содржат украден идентитет.

„Врз основа на наредбата на јавниот обвинител се вршат проверки во ДИК и во Завод за статистика да видиме дали биле употребени и дали се користени за други цели. Најважно е да имаме квалитетна истрага која ќе даде одговор на прашањето кој ги фалсификувал, зошто, под чија наредба. Ние дознавме за аферата од проектот „Вистина за Македонија“. Во неколку разговори се насочуваше дека се издаваат лични карти. Ова не е нешто ново што пред неколку дена сме го дознале“, одговори Спасовски.

Премиерот Никола Груевски одговарајќи на пратеничките прашања на пратеникот Горан Мисовски од НСДП за аферата за прислушувањето, наместо да одговори му посочи на пратеникот сам да си најде одговор кај првообвинетиот од случајот „Пуч“.

„Мисовски го упатувам да ја следи судската расправа, во која што верувам господинот Верушевски ќе каже кој стоел зад него, односно зад целата оваа работа. Можеби одговорот го знае оној кој му прати писмо, во кое што кажува детали поврзани со други држави, други премиери, така што господинот Мисовски ако сака да дознае може многу лесно да дознае, повеќе од нас“, одговори Груевски.

Составен дел од пратеничките прашања беа и таканаречените бомби на опозицијата. Мисовски цитираше делови од прислушуваните разговори кои се однесуваат на мерцедесот од 600 илјади евра набавен преку МВР за, како што вели, потребите на премиерот. Груевски изјави дека тоа возило е набавено со цел превоз на високи гости кои ја посетуваат Македонија, додека тој се вози во автомобил кој го наследил и е стар 20 години.

„Не сум задоволен од одговорот. Ве прашав зошто во услови на сиромаштија сте дозволиле 600 илјади евра да се потрошат за ваков мерцедес. Еве сте го набавиле, ок. Зошто сте го криеле? Вие возилото сте го криеле и од граѓаните и од новинарите. Повторно ќе ве вратам на проектот на опозицијата „Вистината за Македонија“. Тоа цел народ го слушна. До локалните нема објавиме дека ние ќе го преземеме возилото, ќе глумиме дека е на МВР, тоа се ваши зборови, дали треба понатаму да ве цитирам?Не“, коментираше по одговорот Мисовски.

Бучна атмосфера во салата предизвикаат прашањата на пратеникот од владејачката партија Александар Николовски до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Атмосферата ја смируваше претседателот на Собранието.

„Без нервоза, убаво е вака да се поставуваат прашања, вие одма се нервирате, мирени бевте кога прашуваше Горан Мисовски и во ред, така треба да биде, но сега одеднаш се вознемиривте. Што е проблемот тука јас не знам“, смируваше, со малку потсмев, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Николовски го обвини Спасовски за двојни стандарди.

„Самите вие во вашиот статут сте напишале дека функцијата генерален секретар е неспојлива со функции во извршната власт. Моето прашање е легитимно, кога ќе поднесете оставка на една од двете функции. Или нема да сте генерален секретар или нема да сте министер, затоа што сами сте си напишале дека е неспоилово. Или третата варијанта е дека ќе останете и генерален секретар и министер и нема да го почитувате статутот на сопствената политичка партија, којшто сами сте го донеле, сами сте го гласале како партија, и уште еднаш ќе покажете на јавноста дека имате двојни стандарди.“

Спасовски саркастично одговори, иако посочи дека се согласува дека партијата треба да биде одвоена од државата.

„ А на конкретното прашање ќе ви дадам одговор во однос на тоа кога ќе бидете член на централниот одбор на СДСМ . “

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG