Достапни линкови

Иван Поповски со „Мајсторот и Маргарита“ премиерно во МНТ


По четири години од првичната најава, во Македонскиот народен театар на 1 и 2 декември, ќе се обистини премиерата на „Мајсторот и Маргарита“, претставата работена според класикот на големиот руски писател Михаил Булгаков. Режијата ја потпишува Иван Поповски, значајно име на современиот руски и европски театар, творец кој со овој проект се враќа во родната Македонија по пауза од безмалку деценија и половина.

„Одбиван, премолчуван, забрануван и напаѓан“. „Дрска, урнебесна, предизвикувачка и разочарувачка книга“. „Приказна за еден стар ѓавол, кој доаѓа во големиот град, го растресува статус квото на општеството и приредува огромен бал за загубените души“. „Неверојатно инвентивна книга каде секое трето поглавје е поголем метатекс, приказна во приказната за судењето на Исус во пустелијата на градот Ерусалим“... и уште „Похвала на сензуалноста, сатира за политиката позади уметноста, и книга полна со чудење и цинизам“.

Ти кога го читаш тој роман ти се раѓаат слики. Е, сега дали тие слики се совпаѓаат со нашиве слики тоа секогаш е спорно. Тешко. Најважно е, она што јас го кажав на една од првите проби, е да се обидеме да не го расипеме Булгаков.

Ова се само капки од морето писанија за „Мајсторот и Маргарита“, класикот на Михаил Булгаков и делото на кое пред четири лета му се нафрли да го исправи на сцената на МНТ режисерот Иван Поповски. Еден од оние чии претстави се многуфалени во Русија и на европските подиуми и кој овде не потпишал таков чин од постановката на „Маседоан – Одисеја 2001“, со која таа година беше отворено „Охридско лето“.

А, во предвечерието на премиерата, Поповски знае да каже дека главни теми со кои се бави претставата се вистината, слободата, љубовта и стравот.

„Овде говорам за Булгаков и Сталин. За Булгаков и Станиславски. За Булгаков и власта. Ако се земе една, која било од тие теми, и да се форсира само таа, како што прават многу често авторите, се осиромашува делото. Така би направиле некоја наша верзија, многу ограничено читање коешто би и го наметнале на публиката и не би и дозволите да ја види целата слика. Затоа, пак, велам, невозможно е да се издвои било која тема. Тоа е погрешно. Тие се толку испреплетени и едната и помага на другата, третата прави контраст на четвртата и затоа невозможно е да се извади една линија којашто би се обработувала како одделна тема. Е, сега не знам дали ние успеавме, успеваме и ќе успееме да го пренесеме тоа дело, нарочито кога се работи за вакви битни романи кои што многу луѓе ги знаат и си ги замислуваат. Ти кога го читаш тој роман ти се раѓаат слики. Е, сега дали тие слики се совпаѓаат со нашиве слики тоа секогаш е спорно. Тешко. Најважно е, она што јас го кажав на една од првите проби, е да се обидеме да не го расипеме Булгаков“, вели Поповски.

Како исклучително сложена претстава која на најубав можен начин го претставува ракописот на Поповски и во која паралелно течат три приказни, во „Мајсторот и Маргарита“ е вклучен безмалку целиот ансамбал на МНТ, згора на тоа актери од другите театри во земјава и студенти од ФДУ и ЕСРА. Актери како Дејан Лилиќ, Драгана Костадиновска, Никола Ристановски, Стефан Вуисиќ, Јордан Симонов, Сашко Коцев, Ѓорѓи Јолевски, Петар Мирчевски, Емил Рубен, Оливер Митковски, Ана Стојановска, Катина Иванова, Кирил Коруновски и Нино Леви.

Лилиќ, кој наново се најде во најистурените редови на проект на Поповски, овојпат како Мајсторот, вели дека „секогаш имаме еден момент каде што се судруваме со една врата, голем прашалник на неа и каде што тој прашалник се однесува само на нас и на никој друг“. Дополнува дека тој прашалник треба да се отвори и да се постави низата од прашања не на другите туку на самиот себе си – дали продолжуваш така и по кој пат ќе тргнеш“.

„Ако ја одбереш светлоста и љубовта, тогаш може да биде малку понеатрактивно, не толку шармантно, многу болно, тешко и тмурно. Ако го одбереш другиот пат може да биде сладок, убав, слаткоречив...но нема да ти ја даде убавата мисла и убавото нешто што го носиш со себе. Затоа мислам, како и што вели Јешуа Ха-Ноцри, сите луѓе се добри и сите за себе имат топлина и таа можат да ја развиваат и да ја сочуваат. Системот е создаден од луѓе, а луѓето се ова за што зборувам. Тоа значи дека од себе и од луѓето околу себе црпиш и ништо повеќе. Ние го создаваме светот таков каков што треба да биде или барем каков што го замислуваме. Ако малку размислиме подобро сите ние нема да бидеме лицемерни и малициозни, туку ќе бидеме со малку повеќе искреност и отвореност кон себе и кон другите. Ќе се запознаеме малку повеќе себе си и тогаш сите прашања и одговори ќе бидат малку помеки и почовечни “, вели Лилиќ.

Драгана Костадиновска, пак, забележува дека нејзе омилен роман на сите времиња и е „Мајсторот и Маргарита“ и дека таа инспирацијата за ликот што го толкува ја нашла токму во делото. Вели дека нејзе и биле многу реални сите постапки на Маргарита. Начинот на кој што таа размислува и се радикално што превзема. Зашто за љубовта го остава раскошот и богатвото. Зашто за љубов му ја дава душата на ѓаволот.

„Мене тоа некако ми беше природно. Едноставно таму видов нешто лично. Значи, инспирацијата е од себе, но најмногу од романот каде што тие душевни линии и размислувања се многу поврзани со ликот и она што јас го сметам како морални критериуми, начин на живот и начин на размислување“, вели Костадиновска.

Доајенот Емил Рубен, кој патем ја имал привилегијата да го прочита „Мајсторот и Маргарита“ во почетокот на 1970-те кога по прв пат бил преведен на македонски, значи не многу по неговото публикување во Москва, потенцира дека станува збор за едно од оние дела кои остануваат за цел живот. Актерот вели дека во процесот на работа на претставата му било многу забавно оти имал прилика да го сподели своето со искуството на помладите колеги. Констатира дека таквото искуство е феноменално бидејќи „времињата мислиме дека се менуваат, а тоа не се случува бидејќи се менуваат некои други нешта“ и затоа, според него, овде станува збор за едно многу модерно и еден извонредно модерен театарски материјал.

„Ние имаме релации со Сталин во претставата, но никогаш не го спомнуваме. Никогаш не се обраќаме до него. Никогаш некој од актерите не се обраќа до Сталин. Нема потреба бидејќи Сталин, за жал, е во сите други ликови кои постојат во претставата. Тој е внатре. Тој мириса или смрди во сите други ликови кои се шетаат низ Москва“, вели Рубен.

Конечно, „Мајсторот и Маргарита“ на Поповски се најавува како „ново поглавје во постоењето на МНТ. Претставата е предвидено да трае околу пет часа и се очекува да биде „голем театарски спектакл сочинет од фантастика, сатира и се* до реализам“, за чие остварување е вклучена целокупната расположива сценска техника. За таа намена во нејазината подготовка беа ангажирани и Владислав Флоров, дизајнер на светло од Русија, и Гаетано Триџано, италијански магионичар, кој работел посебно со Митковски во креирањето на ликот на Каровјев.

Инаку, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Марија Пупучевска, одбирот на музиката на режисерот, а кореографијата на Искра Шукарова и Нина Деан.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG