Достапни линкови

Кичевски основци седат дома, во училиштето нема грење


Родителите на учениците од ОУ „Кузман Јосифовски - Питу“ од Кичево се револтирани. Велат дека не смее да се дозволи учениците првин да бидат оставени без греење, а сега и без квалитетно образование.

Една недела над 700 ученици од основното училиште „Кузман Јосифовски - Питу“ од Кичево не следат настава, затоа што нема греење. Родителите се револтирани и инсистираат од надлежните што поскоро да се реши овој проблем, зашто, како што велат, не смее да се дозволи учениците да бидат дискриминирани пред законот, првин да бидат оставени без греење, а сега и без квалитетно образование.

Во моментов наставата е прекината поради одлука на Советот на родители, поради тоа што немаме греење во училиштето. Немаме информации за натаму, дали ќе имаме нафта, нема да продолжиме секако со настава, затоа што нема услови додека не обезбедат греење на нашите деца.
Доминика Стамеска Алексоска, претседател на Советот на родители на ОУ „Кузман Јосифовски - Питу“.

„Во моментов наставата е прекината поради одлука на Советот на родители, поради тоа што немаме греење во училиштето. Немаме информации за натаму, дали ќе имаме нафта, нема да продолжиме секако со настава, затоа што нема услови додека не обезбедат греење на нашите деца“, вели Доминика Стамеска Алексоска, претседател на Советот на родители на ОУ „Кузман Јосифовски - Питу“.

Директорот на училиштето Орце Наумоски нема одговор кога би се решил проблемот. Вели дека испратени се барања и до Општината и до Министерството за образование.

„Одговорот од Министерството е дека овој проблем треба да го реши Општината, бидејќи по законот за основно образование, сите недостатоци за услови за работа, вклучувајќи ја нафтата, електричната енергија, треба да ги надомести Општина Кичево, со средствата од блок дотацијата што владата ги доделува на Општините за основно и средно образование. Меѓутоа одговорот на градоначалникот е дека тие пари не се доволни“, вели директорот Наумоски.

Градоначалникот Фатмир Дехари не одговори на телефонските повици. Според неговата последна изјава минатиот месец, Општината бара од владата да бидат одобрени околу 200 тони нафта од стоковите резерви за оваа зимска сезона, бидејќи Општината, не само долговите за вода, туку ги презеде и долгогодишните обврски на сите општински училишта за струја и тоа се до први септември следната година.

Но, проблемот со греењето не е нов. Во некои кичевски училишта и минатата година учениците не следеа настава дури и 24 дена, бидејќи немаше огрев. Сметките на училиштата се блокирани веќе 3 години за стари долгови за греење, кои сега се наплаќаат со извршни решенија со камата. Од друга страна, од 2010 година, конкретно училиштето „Кузман Јосифовски – Питу“, добива годишно од 1,9 до 2,5 милиона денари средства кои не се доволни да ги покријат тековните трошоци од 3,5 милиони.

За директорот Наумоски е нејасно зошто до пред 5 години ги добивале потребните средства, а сега секоја година, сумата се намалува.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG