Достапни линкови

logo-print

Исплатата на пензии, социјални трансфери и плати не треба да зависи од нови задолжувања. Оваа власт за девет години владеење за неколку пати го зголеми долгот, од 1,6 милијарди евра во 2006, на безмалку 4 милијарди евра без новите задолжувања.

Потврда за лошата состојба во која се наоѓа државниот буџет гледаат дел економски аналитичари во изјавите на министерот за финансии Зоран Ставрески дека блокираното задолжување од дополнителниот заменик Кире Наумов ќе предизвика застој во исплатата на платите и пензиите, но и во враќањето на старите долгови.

Не може приоритет да ниту луксузирањата, ниту нерационалните трошења во однос на пензиите и платите на администрацијата. Ние имаме една ситуација, овие денови владата купува лед-екрани, телевизори, троши милион евра, а вели ние немаме пари за исплата на пензиите, па мораме да се задолжиме.

Ниту една држава во светот на долг рок пензискиот фонд, социјалната политика и исплатата на плати не ги базира на постојано задолжување, тврди економскиот аналитичар Слободан Најдовски. Проблемот постои додава тој, но решението не треба да се бара во постојаното задолжување.

„Решението треба да се бара во преструктуирањето на расходната страна на буџетот, што значи да се одредат приоритетите во финансирањето. Не може приоритет да ниту луксузирањата, ниту нерационалните трошења во однос на пензиите и платите на администрацијата. Ние имаме една ситуација, овие денови владата купува лед-екрани, телевизори, троши милион евра, а вели ние немаме пари за исплата на пензиите, па мораме да се задолжиме“, вели Најдовски.

Инаку во 2006 година кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт јавниот долг беше 33,2 отсто од БДП, а претходната 2005 година, која цела ја заврши власта на СДСМ долгот беше 39,6 отсто од БДП. Во третиот квартал од годинава пак јавниот долг изнесува 43,9 отсто. Според Најдовски најдобро се мерело задолжувањето ако се земат бројките од 2006 година бидејќи во 2005 година како што вели, доспеала еврообврзница која тогашната влада ја издала за да се врател стар долг кон Лондонскиот клуб на доверители.

„Што значи за девет-десет години оваа власт за десет проценти поени го зголемила јавниот долг во однос на БДП, но ако гледаме во апсолутна бројка крајот на 2006 година долгот беше милијарда и 600 милиони евра, а сега е без овие последниве задолжувања скоро 4 милијарди евра. Две милијарди и 400 милиони евра е зголемен за девет години долгот“, вели Најдовски.

Според Благица Петревски од невладината организација за економски истражувања Фајнанс Тинк, динамиката на задолжување е проблематична и е зголемена во изминатиот период.

„Не е прашањето колкав е јавниот долг, туку прашањето е дека во краток период ние овој долг значително го зголемивме и според домашните експерти и според надворешната јавност потребно е во следниот период да следи консолидација на фискалните финансии“, вели Петревски, која смета дека задолжувањата сега треба да се продолжат оти во прашање можела да се доведе ликвидноста на буџетот.

Истовремено девизните резерви, пак, се на задоволително ниво, па ако се прави споредба со состојбата пред девет години тие се зголемени. Според податоците на народна банка во 2006 година изнесувале милијарда и 417 милиони евра, а годинава до септември тие изнесуваат две милијарди 187 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG