Достапни линкови

ЕУ и Турција ќе спречуваат масовен прилив мигранти


Лидерите на Европската унија и на Турција во Брисел се договорија Унијата да одобри три милијарди евра помош за згрижување на бегалците и мигрантите на турска територија. Утврден е и план на заеднички мерки за запирање на масовниот прилив на бегалци и нелегални мигранти во Европа.

Ова по завршувањето на самитот меѓу Европската унија и Турција го изјавија претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија Доналд Туск и Жан Клод Јункер, како и премиерот на Турција Ахмед Давутоглу.

„Подготвени сме да ја ослободиме сумата од три милијарди долари, но тие три милијарди не се дадени без некакви услови. Нивното користење ќе биде договорено со турските власти“, изјави Жан Клод Јункер.

Конечниот договор всушност беше компромис меѓу Брисел кој трите милијарди ги нуди во рок од две години и Турција која бараше по три милијарди евра годишно.

Подготвени сме да ја ослободиме сумата од три милијарди долари, но тие три милијарди не се дадени без некакви услови. Нивното користење ќе биде договорено со турските власти.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск на прес-конференцијата во Брисел изјави дека парите ќе бидат искористени за нови бегалски кампови во Турција каде што има над 2 милиони Сиријци.

„Дозволете ми јасно да посочам дека ние не очекуваме некој друг да ни ги чува границите. Тоа треба да го прават Европјаните“, рече Туск.

Договорот вклучува турска помош, вклучително и поморски патроли и гранични контроли, во справувањето со приливот на мигрантите во Унијата. Само годинава таа бројка се очекува да достигне милион ипол луѓе.

Според Давутоглу, овој самит бил историски, бидејќи го забрзува процесот на турското приближување кон Европа и воспоставува стратегиска соработка. Тој ја потврди решеноста на Анкара да го запре доаѓањето на бегалците и мигрантите.

Европската унија вети забрзување на преговорите со Турција со отворање нови поглавија, вклучувајќи го и поглавјето 24 кое се однесува на владеењето на правото.

Најавено е дека идната есен би требало да биде воведен безвизен режим за турските државјани откако во идниот јуни Турција ќе почне да ја применува спогодбата за реадмисија со Европската унија, а тоа значи дека ќе го прифаќа враќањето лица кои нема да добиваат азил во Унијата.

Давутоглу оцени дека Унијата и Турција ја плаќаат цената на неуспехот на Обединетите нации да ја решат кризата во Сирија и додаде дека главна цел на Турција ќе биде спречувањето на криумчарите на мигранти.

Властите во Анкара, според него, досега потрошиле осум милијарди долари за згрижување на над два милиона бегалци од Сирија и триста илјади бегалци од Ирак.

Туск и Јункер изјавија дека забрзувањето на преговорите со Турција не значи и менување на условите за влез во Унијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG