Достапни линкови

logo-print

Иронија


Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.

Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.

Наместо само еднаш во политичката историја да поминеме преку егото и да се сплоти младиот глас се со цел да се дојде до некакво решение кое ќе ги крепи младите во периодот кој следи, некој си зема слобода да зборува за некакви привилегии кои ни еден процент не ги задоволува потребите на еден млад човек, пишува Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во екот на партиските пресметки, во време кога се подигнуваат партиските механизации во улична борба за политички поени, всушност на виделина излегува безидејноста на подмладоците, кои немајќи што да понудат се приклонуваат кон акции кои ја кинат и онака кревката трошка надеж, со пот изградена и претставена како најприкладен извор на решенија на проблемите со кои се соочуваат младите.

Во цела оваа лакрдија која се одвива во моментов ме интересира дали ќе се покаже како добитна комбинација заедничкиот пристап на власта и опозицијата преку идеите на граѓаните.

Имено, изминатиов период се изнагледавме префрлања од една на друга страна за тоа кој, што, како работел некогаш, во „нивните“ времиња, а не согледувајќи го вистинскиот проблем со кој токму денеска се соочува еден млад човек од Македонија.

Ме чуди лицето кое без никаков срам има доблест да излезе пред камерите и да каже како младите покрај сите проблеми со кои се соочуваат, сепак уживаат привилегии во општеството, небаре сме во Швајцарија, оправената држава која си ги реши сите проблеми, па дојде време за привилегиите на младите.

Во држава која студентите се третираат како глувци, средношколците како експериментални заморчиња за потребите на нивните неиздржани проекти, младите како жители од втор ред, наместо само еднаш во политичката историја да поминеме преку егото и да се сплоти младиот глас се со цел да се дојде до некакво решение кое ќе ги крепи младите во периодот кој следи, некој си зема слобода да зборува за некакви привилегии кои ни еден процент не ги задоволува потребите на еден млад човек.

Разбирам, безидејност ко безидејност, се случува, но да слушаме како една идеја цело време се врти од година во година е веќе голем проблем како за организацијата, така и за нивните раководства во кои се колнат оние кои им „веруваат“. Велат, горди се на себе што проектот за слободно возење еден викенд во месецот и еден работен ден во неделата го достигнал зенитот со некаква анализа во која вели дека скоро 40.000 млади користеле повластен железнички сообраќај. Ајде да ја изанализираме работата малку подробно. Зошто еден млад човек покрај сите начини на превоз се одлучува токму за железничкиот? Па покрај тоа што е во моментов еден од најризичните всушност е и еден од најевтините не поради фактот дека картите се 50 проценти поевтини, туку поради немањето доволно средства за секојдневно користење на останатите начини. И проблемите завршуваат тука, сиромаштијата ја победивме, младите се исповработија, се враќаат од белиот свет во се поголем број гласот им се слуша и повеќе од она што го очекуваа.

Не! Со ваква реторика и со ваков пристап кон проблемите не се решава ниту една просто математичка равенка, а не пак проблем кој се провлекува скоро десетина години. Да не зборуваме за младинското учество во процесите на одлучување или пак младинската информираност кои се најнепознатите поими за подмладоците особено оние кои ја сочинуваат власта.

Во цела оваа лакрдија која се одвива во моментов ме интересира дали ќе се покаже како добитна комбинација заедничкиот пристап на власта и опозицијата преку идеите на граѓаните.

Во оваа прилика би сакал да ја истакнам огромната заложба на Унијата на млади сили при ВМРО-Народна партија во изнаоѓањето на модел со решенија за проблемите со кои се соочуваат младите денеска. Производот од двегодишната обработка и анализата на фактичката состојба на младите во Македонија ќе го заокружиме со пакет решенија кои всушност ќе бидат вовед во кампања која произлегува по повод десетгодишното опстојување на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија на младинската политичка сцена.

Би ја истакнал и отвореноста на УМС на ВМРО-Народна партија и би ги повикал сите млади кои сакаат да учествуваат и помогнат во имплементирањето на решенијата, но и нивно надоградување со нови идеи и предлози слободно да се приклучат и конечно да направиме барем еден исчекор кон подобра сегашност и иднина, токму на нас, младите.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG