Достапни линкови

logo-print

Мемети - Нема волја за спроведување на прописите


Формиравме посебно јавно обвинителство, тоа доволно говори на кое ниво сме, тоа доволно говори колкава е волјата на институциите да се справат со предизвиците и со проблемите и да ги разрешуваат, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Мемети по нападите во Париз и зајакнувањето на безбедноста на границите на земјите од балканската рута, а врзано со мигрантите, на јужната граница повторно гледаме драматични сцени. Што може Македонија да стори од аспект на почитувањето на човековите права, сега во ваква ситуација и во врска со тие луѓе?

Сметам дека во никој случај не би требало сериозните лидери да го истоветуваат или да го стават на исто рамниште тоа што се случи во Париз како терористички акт со бегалската криза. Мислам дека Македонија може многу што да направи, таа е должна да ги почитува меѓународните документи и нашето законодавство. Доволно е Македонија таквите документи да ги почитува и нема да има некаков проблем. Зошто го велам ова? Затоа што декларацијата за бегалците се основа на тие многу битни елементи или фундаменти, на недискриминација, неказнивост и невраќање. Ние гледаме дека откако почна кризата во Република Македонија, овие три принципи се прекршуват, што не е во ред. На нас ни се случи да имаме и трагични настани, сакајќи да транзитираат низ Македонија бегалците се соочуваат со големи проблеми, тие по пат станувале и жртви на насилство, на разни криминалци, од друга страна Република Македонија во два случаја, беспотребно според мое мислење, на граничниот премин имаше инцидент меѓу полицијата и бегалците, употреба на шок бомби, употреба на физичка сила, тие слики сакале или не оставија многу лош впечаток за Република Македонија. Што ни се случува сега, јас апелирам на почитување на меѓународните документи, не може Македонија да дискриминира по етничка основа, тоа конвенцијата не го дозволува.

Ова конкретно мислите на одлуката на Македонија да ги пропушта бегалците само од Сирија, Ирак и Авганистан, но не и оние што доаѓаат од земји кои не се зафатени со војни. На таа одлука мислите?

Не знам дали има таква формална одлука. За да има една таква одлука таа мора многу дебело да се образложи, затоа што со таква одлука прекршуваш одредби на конвенцијата, треба и апелирам не на национално дискриминација на лицата кои бегаат или се бегалци или се мигранти или бегаат од директна закана од војна итн., на кои според Конвенцијата сме должни и да им дадеме привремена заштита или бегаат поради некоја друга дискриминација. Македонија е должна да им даде шанса на нив да влезат во процедура, ако не исполнуваат услови, тогаш согласно процедурата, да се протеруваат, а не да се протеруваат без никаква процедура.

Како Македонија, според вас, генерално се справува со оваа бегалска и мигрантска криза?

Јас во јуни имав прес конференција и на време ги предупредив властите, затоа што констатирав дека Македонија има многу лош систем за прифат на странци кои на илегален начин влегуваат во Македонија, дека има многу лош систем за прифаќање на бегалци на нашата територија. Ние само формално имаме прифатено доста стандарди, но од друга страна не сме создале никакви услови за спроведување на тие стандарди. Имаме два центри, Центарот за илегален влез и Центарот за азил.

Господине Мемети, сега на тема прислушување. Во март во екот на опозициските „бомби“, излеговте и кажавте дека самоиницијативно отворате постапка околу процесот и дека сте испратиле писма до надлежни државни институции. До каде е таа постапка, имате некаков одговор, што се случува?

Јас ги искористив скоро сите можности што ги дава Законот за Народен правобранител. Последно беше за попречување да се обратам до Владата и до Собранието на Република Македонија, затоа што тоа го бара законот. Се уште ни од Владата, ни од Собранието немам повратна информација.

Така што тој предмет се уште е отворен, јас не знам како на друг начин да го затворам освен со законито постапување и инсистирам на одговор од страна на Владата и Министерството за внатрешни работи за сите тие клучни прашања што ги поставив уште тогаш, затоа што тие се должни тоа да го направат. Не е во ред да игнорираат. Тоа е проблем на функционирањето на институциите во Република Македонија. И затоа дојде со извештајот на Комисијата, извештајот на господинот Прибе итн., во кој се констатира дека во Република Македонија институциите не функционираат, довербата итн. Зошто на пример не се попречува работата на омбдусманот на Србија? Тој може слободно да влезе во просториите на службата на ДБК и да ги провери сите работи кои нему му се битни, затоа што законот бара до него да спроведе одредена постапка. Овде не е во прашање Иџет Мемети, во прашање е институцијата Народен правобранител, во прашање е функционирањето на правниот систем во Република Македонија кој очигледно не ни функционира како што треба.

Тогаш рековте дека не постои здрав разум кој нема да се согласи дека во државата имаше масовно прекршување на човековите права и слободи, но и на правото на приватност. Имате ли впечаток дека некој повика во државата ве слуша и има желба за подобрување на состојбите?

Тоа е проблемот. Проблемот е во тоа што нема волја за спроведување на прописите. Значи тие што ги спроведуваат прописите во Македонија се проблемот. Ако мислите за конкретното како би се расчистило, ние во Република Македонија, во парламентарна демократија формиравме посебно јавно обвинителство, тоа доволно говори на кое ниво сме, тоа доволно говори колкава е волјата на институциите да се справат со предизвиците и со проблемите и да ги разрешуваат. Ние дозволивме како општество да доаѓаат од надвор и да ни зацртуваат како треба да постапуваме, што е исклучително лошо за лош знак или лоша состојба за општество наречено парламентарна демократија.

Целото интервју со Народниот правобранител Иџет Мемети може да го погледнете на видео снимката на почетокот на текстот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG