Достапни линкови

Слободни медиуми или контролирана пропаганда


Нетранспарентниот начин на водење на разговорите за медиумите ги натера новинарите и медиумските работници да протестираат. Партиите без медиумите одлучуваат за нивната судбина и медиумите бараат и тие да бидат вклучени во преговорите.

Неколку десетици новинари и медиумски работници претпладнево протестираа пред Клубот на пратениците незадоволни поради одбивањето на четирите најголеми политички партии да ги вклучат новинарите, медиумите и медиумските организации во преговорите за реформата на медиумската сцена. Протестот заеднички го организираа Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Македонскиот институт за медиуми.

Сакаат да одлучуваат за судбината на новинарите без да водат сметка за нивните интереси. Овде се одлучува дали ќе имаме слободни и професионални медиуми или контролирана пропагандна машинерија во рацете на политичките партии.

„Денеска ги повикавме новинарите и медиумските работници на протест заради нетранспарентниот начин на водење на разговорите за медиумите. Сакаат да одлучуваат за судбината на новинарите без да водат сметка за нивните интереси. Овде се одлучува дали ќе имаме слободни и професионални медиуми или контролирана пропагандна машинерија во рацете на политичките партии“, изјави претседателот на Здружението на новинарите, Насер Селмани.

Претставниците на новинарските здруженија рекоа дека кај нив постои сериозен сомнеж дека нешто не е во ред со предлозите на партиите и дека тие не сакаат да направат вистински промени во медиумскиот систем. Зошто политички партии се противат претставниците на новинарите и на медиумите да бидат вклучени во разговорите, прашаа тие? Што е толку страшно во предлозите што не сакате да ги споделите со јавноста?

„ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА имаат обврска пред јавноста да објаснат какви решенија договараат за медиумите. Ние како новинари од искуство знаеме дека кога политичарите се кријат од јавноста обично работат за тесно – партиските и политички интереси и не водат сметка за интересите на граѓаните. Ако нивните предлози сер толку добри и одат во прилог да се подобри состојбата со медиумите, тогаш зошто имаат проблем да ги стават пред судот на јавноста“, рече Селмани.

Организаторите на протестот ги повикаа претставниците на Европската унија и на САД како гарантори на договорот од Пржино да не дозволат политичките партии зад грбот на новинарите да носат решенија за медиумите кои не се во согласност со европските стандарди. Тие истакнаа дека и натаму остануваат на барањето да бидат вклучени во разговорите.

Денешната средба на работната група која разговара за реформите во медиумите е одложена поради консултативни средби за подготовка на конкретни предлози во врска со законите поврзани со медиумите, се наведува во пишаната изјава на белгискиот експерт Питер Ванхауте.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG