Достапни линкови

logo-print

Фејсбутик на Урош Вељковиќ во Отворено графичко студио


Урош Вељковиќ, сликар.

Урош Вељковиќ, сликар.

„Фејсбутик“ ( или FACEBOOTIK), со поднаслов „колекција есен-зима“, е насловен новиот проект на уметникот Урош Вељковиќ, што од петок, 27 ноември, во 20 часот, ќе може да се проследи во Отворено графичко студио на Музеј на град Скопје. Со него авторот отвора цела една серија на сериозни прашања за менливоста и минливоста на идентитетноста, не само на платформата Фејсбук, туку и воопшто во реалноста.

Нецела година и половина од интерактивниот „Piece of Cake“ премиерно претставен во арт-галеријата „Мерикон“, во Виена – Австрија, македонскиот уметник Урош Вељковиќ, наместо со готовиот, еве го со нов проект пред домашната јавност.

Интересно ќе биде и тоа што во фон на изложените принтови ќе има женски гласови како во некој трговски центар кои на пример довикуваат некој да се јави на каса или пак најавуваат промоции и сенекакви акции: Три фаци за една цена и четвртата гратис!!!

Насловен како „Фејсбутик“ ( или FACEBOOTIK), со додавка „колекција есен-зима“, проектот сочинет од 30 дела – дигитална графика, како што наведува Небојша Вилиќ во својата инспиративна рецензија, „отвора цела една серија на сериозни прашања за менливоста и минливоста на идентитетноста, не само на платформата Фејсбук, туку и во ризоматската сегашност на општественоста која веќе одамна го има напуштено системот на стабилните структури и која сè повеќе убедува во нужноста од постојаното движење и менување, не исклучувајќи ја тука и афирмативноста/афирмирањето на (заради менливоста и минливоста) нестабилните идентитети“.

Критиката која Вељковиќ ја упатува кон лесното прифаќање, а со тоа и на поддршката на новата, дискретно наметната, можност корисникот да си го објави или создаде сопствениот идентитет и, при тоа, да го менува според сопственото расположение, состојба, намера, желба, е критика којашто темелно задира во тековната сегашност, во тековното време. Во основа, тој ја преповторува суштината на самата платформа: забавноста/забавата и безодговорноста се иронизираат со атмосферата на „бутик“: бутик [boutique] на можни лица [faceѕ], можност за избор на лице кое одговара и кое ќе прикаже нешто друго, нешто ново, нешто различно или најточно – нешто постојано друго, нешто постојано ново, нешто постојано (привидно) различно.

Уметникот упатува порака дека само времето на нестабилни идентитети може да создаде платформа за нестабилни идентитети. И при тоа, тој, преку иронијата и пародијата, со децидната и недвосмислена критика на таквото време, не само што ни остава нам да решиме дали да ја прифатиме или отфрлиме таквата состојба и манипулација, туку настојува подлабоко и покритички да го обмислиме тоа и такво време и – да го отфрлиме. Отфрлајќи го, пред нас се отвора можност за создавање на некое друго и поинакво време, време во кое нашите идентитети ќе бидат израз и исказ на нашиот сопствен, внатрешен и вистински, а не посредуван и, со тоа, лажен идентитет – пишува Вилиќ.

А, уметникот, пак, откако ќе потсети дека сè што работел досега, освен „Piece of Cake“ (како дело кое со визуелниот јазик го слави животот и убавините на годините што поминуваат), било бунтовно, истакнува дека во случајов имал потреба да им каже на луѓето да не идолизираат. Да не мислат дека се совршени и да се свестат дека не се тие што се претставуваат на социјалните мрежи, туку сепак некои други личности.

„И јас бев и сум еден од нив и затоа гледам сега да избегнувам да ставам некои од своите идоли наместо илустрација за мојот профил на Фејсбук. Се подразмислив и си велам – чекај бе, зошто вака! Не сме совршени, а не се и тие што ги идолизираме. Ете тоа ме инспирираше за изложбава. Клише е веќе муабетот дека се претставуваме лажно и затоа гледам сега да бидам пореален. Повеќе свој. Повеќе себе да се претставам, отколку да идолизирам некој друг на Фејсбук“, вели уметникот.

Говорејќи за проектот, Вељковиќ појаснува дека сè започнало кога ја зел профилната дифолтна слика од Фејсбук и почнал да додава некои асоцијации врз неа. На пример како Фрида Кало со веѓите и овошјето на глава. Дополнува дека 30-те дигитално отпечатени дела ќе бидат обесени на закачалки како во продавница, бутик или во некој склад. Нив посетителите, всушност „купувачите“, ќе можат слободно да ги разгледуваат, а каталогот наедно ќе биде и ценовник во духот на рекламните модни каталози или додатоци вметнати во дневниот печат, уфрлени во поштенските сандачиња или делени на улица, по бистроа или кафулиња.

„Интересно ќе биде и тоа што во фон на изложените принтови ќе има женски гласови како во некој трговски центар кои на пример довикуваат некој да се јави на каса или пак најавуваат промоции и сенекакви акции: Три фаци за една цена и четвртата гратис!!!“, вели уметникот.

По Скопје, Вељковиќ планира „Фејсбутик“ догодина да ја претстави во уште неколку градови во земјава, а вели дека би сакал во меѓувреме и „Piece of Cake“ конечно да ја види и домашната културна јавност.

И, кон ова уште малку припомнување. Роден 1981 година во Скопје, Урош Вељковиќ во светот на графиката и графичките техники влегол во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ кај професорот Ѓорги Чулаковски – Ѓото. Потем формалното образование го продолжил на Ликовната академија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсекот за графика и графички дизајн во класата на професорот Костадин Танчев – Динка каде и дипломирал во мај 2007 година.

Сем во Скопје и во Велес, самостојно изложувал и во Белград, соседна Србија и Виена, Австрија, а учесник е и на повеќе групни постановки во земјава, во САД, Израел и во Кина. Тој е еден од основачите на независната уметничка група Арт институт - Скопје (периодот 2009 – 2012 година) и член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 2010 кога стана и добитник на наградата „Петар Мазев“ за сликарство на годишната изложба на оваа наша асоцијација.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG