Достапни линкови

Реакции за зонското паркирање во Битола


Со зонски паркинзи зафатен е целиот коловоз на улицата Виенска во Битола, па жителите маки мачат со возилата да стигнат до своите дворови.

Сопственици на фирми и вработени во јавни претпријатија со седиште на улицата „Виенска“ во центарот на Битола реагираат дека со зонски паркинзи зафатен е целиот коловоз, па маки мачат со возилата да стигнат до своите работни простории. Дваесетина битолчани потпишаа барање до комисијата за комунални дејности при општината и сообраќајниот отсек при СВР за промена на сообраќајното решение.

Обележените паркинг места на оваа улица не дозволуваат да се направи маневар, односно влегување и излегување во дворовите и просториите каде имаме свои паркинг места.
Мишко Гелевски, сопственик на компанија на улица „Виенска“ во Битола.

„Обележените паркинг места на оваа улица не дозволуваат да се направи маневар, односно влегување и излегување во дворовите и просториите каде имаме свои паркинг места“, вели Мишко Гелевски, сопственик на компанија на некогашната улица „29 Ноември“, сега преименувана во „Виенска“.

Сопствениците на фирми бараат да има слободен простор за минување по улицата, зашто таа не може да се затвори.

„Паркинг местата кои се дозволени по законот да си бидат обележани. Тие места кои не се обележани по законот да се избришат. На четири места на улица „Виенска“ има обележани паркинг места кои не се по закон. Во Службен весник пишува дека онаму каде има влезови не смее од спротивната страна да има паркинг места“, вели тој.

Гелевски додава дека неодамна се соочиле и со неколку непријатни ситуации.

„Пред два месеца имаше потреба од интервенција на Брзата помош во Домот на културата и не можеше да влезе. А, пред неколку денови имавме и незгодна ситуација со корисниците на паркингот кога поставија канџи на службените возила на јавните претпријатија кои имаат службени простории на оваа улица“, вели тој.

Од Градски паркинзи писмено одговорија дека според проектот одобрен од Службата за внатрешни работи, улицата „Виенска“ е составен дел од затворениот паркинг „Широк Сокак“ и не може да биде исклучена. Обележувањето на местата за паркинг е направено согласно проектот и каква било измена треба да биде одобрена од СВР. Воедно на сите жители кои пријавиле живеалиште и вработени во фирми на „Виенска“ им е издадена магнетна картичка за непречен влез и излез од паркингот.

Инцидент на паркингот во центарот на Битола, само на друга локација се случи минатата година кога директорот на битолската подружница на „Македонски пошти“ со возило искрши рампи и оштети терминали. Од „Градски паркинзи“ тогаш изјавија дека не сакал да плати паркинг, а тој тврдеше дека со службениот камион несакајќи зафатил дел од паркингот зашто местото е тесно и не можат да влезат во поштата.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG