Достапни линкови

logo-print

Жителите на кумановско Режановце сами си градат инфраструктура


Село Режановце во близина на Куманово.

Село Режановце во близина на Куманово.

Фирмата што ја гради пругата го уништила патот во кумановско Режановце. Жителите најавуваат тужби. Мислат дека сме селани, па ништо не разбираме, велат тие.

Упорни, истрајни, сложни и борбени се околу илјада жители на кумановското село Режановце кои сакаат да имаат уредена инфраструктура. За селото да им изгледа поубаво и помодерно, со тоа и нивните услови за живот да коинцидираат со совремието, но и да ги задржат младите од миграции село-град, тие често пати со сопствени средства и ангажман градат, а кога ќе наидат на административни пречки или, пак, кога ќе им биде оштетено или уништено изграденото сложно протестираат, штрајкуваат, бараат начини да се справат со проблемите.

Месната заедница донесе одлука да ја тужиме ВИБЕ и ќе им забраниме да го користат патот, имаме и фото документација за направената штета. Тие мислат ние сме селани па ништо не разбираме. Не може така, селото само со самодопринос четири години си плаќаше.

Повеќе од една деценија жителите бараа да бидат приклучени на канализациона мрежа и, како што вели, Зоран Крстевски, претседател на Месната заедница, има реални услови на почетокот на следната година проектот да биде завршен.

„Беше проблем пругата, сега и тоа е решено, си собравме пари за цевки, околу илјада евра, а фирмата што работеше на пругата и тие ни ветија дека ќе направат ископи, од „Водовод“ беа во контрола, а Македонски железници дадоа дел од околу илјада и 700 евра за канализација“, вели Крстевски.

Меѓутоа, сега имаат проблем со градежната фирма ВИБЕ која со механизација им го оштетила асфалтот во селото. И по три состаноци не успеале да се договорат.

„Тие пруга прават, а патот го растураат. Најоштетени сме, а ние како село немаме никаков бенефит. Ни ветија дека ќе вработат луѓе, не вработија, ни зема државата земјиште прва класа за по 4 евра. Месната заедница донесе одлука да ја тужиме ВИБЕ и ќе им забраниме да го користат патот, имаме и фото документација за направената штета. Тие мислат ние сме селани па ништо не разбираме. Не може така, селото само со самодопринос четири години си плаќаше. Општината го направи каналот, ама канализациона мрежа 11 години чекаме“, вели тој.

Крстевски вели дека 2016-та година завршува проектот.

„Треба да си упорен и да сакаш да живееш тука. Ние немаме фонд, укинати ни се од 2009-та година, ама самите си собираме доброволен прилог да си изградиме нешто. Се што правиме, за селото си правиме. Сега со градоначалникот разговаравме да го пробиеме патот до Речица, за да не одиме по заобиколен пат од 12 километри, туку да имаме пат од два километра. Градоначалникот вети ако се решени имотно правни односи Општината ќе го тампонира“, вели тој.

Крстевски додава дека се подготвени и тој проблем да го надминат.

РСЕ: Луѓето не мигрираат село-град, остануваат да живеат тука, што понатаму, не е само патот, не е само канализацијата?

„Ние имаме Музеј единствен на Балканот, со илјада народни носии, со седумсто-осумсто килими, со илјада и петстотини експонати, човекот што ги собирал, Злате Давитковски, некогаш ги позајмувал и на Музејот во Куманово за изложби. Најбогато село сме со вода, најбогато село сме во Општината Куманово, најдобро земјиште имаме, по два бериќета сме ваделе порано. За сè самите се грижиме, сè сами финансираме, немаме поддршка од никаде. А данок плаќаме. Жителите си ги осиромашуваме. За жал осум семејства го напуштија селото“, вели тој.

Крстевски вели дека минатата година имале 120 основци, а годинава 86. Затоа се плаши да не продолжи тој тренд, но дециден е дека не се откажуваат и ќе продолжат со својата упорност, Режановце кое е на само четири километри од градот, да стане модерно и пристојно место за живеење.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG