Достапни линкови

logo-print

Кој кому става сопки на владините седници?


Зошто ги нема „наменските и изрежирани“ седници на владата на Собранискиот ТВ канал да се види кој кому става сопки, прашува читател. Читателите коментирале и за интервјуата со Попоски и со Ременски, состојбите во судството, рејтингот на Груевски.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за редакцијата на РСЕ на македонски јазик, дадено во Прага, одговарајќи на прашањето дали забелешките и условената препорака не се еден вид пораз за македонската дипломатија, покрај другото вели дека политичката криза во земјава нè закочила на патот кон евроинтеграциите, а Митко, коментирајќи на нашата веб-страница, прашува: „А ќе има ли виновници за политичката криза, за содржината на прислушуваните разговори? Кој сака во ЕУ проблематични држави?“

А ќе има ли виновници за политичката криза, за содржината на прислушуваните разговори? Кој сака во ЕУ проблематични држави?.

По редовното неделно интервју на РСЕ, пак, овој пат со министерката за труд Фросина Ременски во редакцијата во Скопје, во кое, покрај другото, таа кажува за првичните искуства на министрите од СДСМ во Владата, потпишан со Наивен со доза на сомневање прашува дали во СДСМ се толку наивни па мислеле дека ќе биде поинаку, или е во прашање нешто друго. Тој смета дека „без народ нема промени, а незадоволството на народот го задушија токму тие од СДСМ“. Незабеган прашува зошто ги нема оние, како што напишал, наменски преноси на релаксирани и изрежирани седници на владата на Собранискиот ТВ канал и дека сега треба да има токму такви преноси за да се види кој кому става сопки... па да видиме какви прашања добива „Претседателот“ или какви небулозни одговори дава или само вика „писмено ќе ви се одговори во законски предвидениот рок“...

„Да, да, исто како што нема и независно новинарство, според теориите и концептите на д-р професор Латас, м-р Мирка Свирка и д-р Миле...“ - коментира Незабеган и по нашата саботна анализа за состојбите во судството и оценката во условената препорака дека во изминатиот период тоа дури и назадувало. Миле, пак, од Охрид го повторува ставот дека независноста на судството е укината во, цитирам, „процесот на инсталирање неуставни закони и октроирање нелигитимна квинслишка влада, а свои гнасни прсти имаат замешано странски непријателски режими, кои себеси се именуваат како 'меѓународна заедница'“.

„Што има врска какви резултати даваат анкетите, кога Груевски повторно се спрема да прави криминални избори. Цело време се обидува да го избегне договорот од Пржино, а се задолжува и троши огромни износи народни пари без да одговара за тоа“, коментирал потпишан со Не нè бива по информацијата за најновата анкета на ИРИ во која 52 проценти од анкетираните граѓани сметаат дека тој не заслужува реизбор на својата функција.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG