Достапни линкови

logo-print

Ременски – Сакаме да бидеме гарант дека нема да има злоупотреби


Во минатото во функција на добивање на глас во време на избори се злоупотребувале овластувања, имало уцени и ние сакаме да бидеме гарантори дека тоа нема да се случува во периодот што следува, вели новата министерка за труд и социјала од СДСМ Фросина Ташевска Ременски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министерке, пред десетина дена ја презедовте функцијата во Министерството за труд и социјала, а периодов најмногу во јавноста се слуша за несогласувањата што ги имате со заменикот Диме Спасов. Најголем проблем, според пишувањата на медиумите, е Мила Царовска. Вие имавте инспекција за случајот со неа. Што навистина се случува во нејзиниот случај, таа е вработена во Министерството или не?

Мила Царовска воопшто не е лицето коешто е задолжено за комуникација со граѓаните, а најмалку е овластена да одговара во управна постапка на барање на граѓаните. Во тој контекст исто така сакам да појаснам дека согласно усвоениот закон за влада, по однос на Договорот од Пржино, сите министри од опозицијата и дополнителните заменици министри, вклучително тука и замениците министри од редот на власта и на опозицијата, меѓу коишто е актуелниот мој заменик Диме Спасов, имаат право да ангажираат административни службеници со статус на кабинетски службеници од редот на вработените во институцијата и дополнителна бројка од еквивалентно три кабинетски советници коишто можат да бидат од институцијата или однадвор. Мила Царвоска има статус на кабинетски советник како истакнат активист и работник во делот на граѓанското општество и активизам по однос на прашања од надлежност на министерството, и сметав дека Мила Царовска е компетентно лице да дава одредени сугестии и совети по барања на министерот за прашања во надлежност на министерството.

Имавте ли лична средба со заменикот Спасов на која се обидовте да ги надминете несогласувањата?

Првата средба со заменикот Диме Спасов и заменикот Ибраим Ибраими ја имавме на 13 ноември 2015. Од нашата прва средба ние немавме друга средба, што не значи дека нема да ги имаме во иднина. Дневно комуницираме и со државниот секретар и со заменикот Ибраими којшто го заменува министерот во обврски во којшто тој не присуствува, а тоа се да речеме одредени седници на комисии во влада. Во тој дел исто сакам да ги демантирам сите информации коишто одеа во прилог на креирање на јавно мислење дека стапувањето на новите министри на работните места ќе биде проследено со некакви кадровски разместувања, поместувања, деградирања, отпуштања што секако не се случи, затоа што примарната цел ни е пред сè функционалното организирање или реорганизирање, а не и кадровското коешто не секогаш ги дава резултатите во делот на функционалното реорганизирање. Министерството за труд и социјална политика знаете дека е нудач и давач на широка лепеза на услуги по барање на граѓаните и знаеме дека во минатото во функција на добивање на глас во време на избори се манипулирало и во самите нивни барања и со самиот нивен статус, се злоупотребувале овластувања на лица коишто се вработени во институциите, токму во таа насока да бидат приморани да исполнат одредена партиска агенда или задача или да дадат глас за партијата во дел на уцена за остварување на нивното право и во таа насока ние сакаме да бидеме гарантори дека тоа нема да се случува во периодот што следува од наша позиција и вклучување наше во овој процес од позиција на министри.

Дали како министер сега ќе се обидете да ги истражите сите овие наводи дека министерството практично претходно било вклучено во партиски активности околу обезбедување на гласови за избори?

Побарав од одговорните сектори да ми достават информација во однос на тоа како се практикува правото на заштита на личните податоци и дали лицата коишто управуваат или се во допир со личните податоци на граѓаните имаат потпишано изјава за доверливост, како обврска од законот за лични податоци и укажување од Дирекцијата за заштита на личните податоци. Добив информација дека Дирекцијата за заштита на личните податоци и во 2012 и во 2013 направила инспекциски надзор во институцијата и доставиле неколку укажувања коишто барале одредено постапување, меѓутоа и укажале дека Министерството треба да донесе подзаконски акт што ќе го уредува прашањето на заштитата на личните податоци, заради спецификата на надлежноста на самото министерство и одредените сектори коишто управуваат со такви податоци. За жал, до денеска нема подзаконски акт во Министерството.

Целото интервју со Фросина Ташевска Ременски може да го погледнете на видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG