Достапни линкови

logo-print

Лицата со попреченост и сексуалното и репродуктивно здравје


Јована Ананиевска, проект координатор во ХЕРА.

Јована Ананиевска, проект координатор во ХЕРА.

Во нашето општество имам чувство дека темите за секс, заштита, сексуално преносливи болести, различни ориентации, родови улоги, контрацепција и несакана бременост како да ги затвораме во некои таму бездни каде што пристап може да добиеме само ако индивидуално ги поминеме сите нивоа на борба со срамот, пишува Јована Ананиевска, проект координатор во ХЕРА во младинската олјалн колумна на Радио Слободна Европа.

Месец октомври – месец посветен на подигнување на свеста за лицата со Даунов синдром. Иако сме веќе ноември, некако се чувствував недокажано во октомври, па со мислата дека без разлика кој месец е, треба да зборуваме на овие теми и да се стремиме кон подобри услови за сите без разлика дали се со Даун или не. Затоа решив оваа колумна да ја посветам на Флоренс, која е родена во Англија, но привремено престојува во Македонија, Цако, Ема и сите останати кои го одат патот на лицата со попреченост во оваа наша мала земја.

Слабата информираност и свесност за што всушност сексуалното образование значи, резултира со табуизирање на овие теми, носење неинформирани одлуки, ризично однесување и лошо сексуално и репродуктивно здравје.

Но да почнеме од почеток.

Попреченост

Лицата со Даун, па и сите останати со некаква „посебна потреба“ ги викаме лица со попреченост. Низ годините се сменија многу термини, од инвалиди до посебни потреби до конкретни попречености. Некои попречености се видливи, некои се невидливи. Некои добиваат свои претставки, некои не добиваат свои претставки. Работата е во тоа што, сите ние, како индивидуи, сме со некаква попреченост, но ете некои сме привилегирани тоа да не се гледа и тоа да не ни претставува пречка да ги добиеме сервисите и услугите кои ни следуваат. Други пак, само поради една нивна попреченост се спречени да го остварат пристапот кон сервиси кои државата ги гарантира како достапни и еднакви за сите граѓани. Има повеќе перспективи преку кои можам да го продолжам мојов текст, но еве ќе се задржам на сексуалното и репродуктивно здравје.

Сексуално и репродуктивно здравје

Генерално имаме ниско ниво на информираност во однос на овие теми. Во стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје во Македонија цел е до 2020 година сите граѓани во РМ да имаат подобро сексуално и репродуктивно здравје. Реално без сеопфатно сексуално образование целта е осудена на пропаст. Ако информациите се недостапни во формалното образование или се ограничени и оставени на индивидуални одлуки во кои средини ќе се пласираат или не, тогаш нема никаква поента да разговараме за подобрување на состојбите. Слабата информираност и свесност за што всушност сексуалното образование значи, резултира со табуизирање на овие теми, носење неинформирани одлуки, ризично однесување и лошо сексуално и репродуктивно здравје.

Да продолжиме со нашата приказна

Цако е лице со попреченост или лице со Даун, Ема е лице со визуелна попреченост, или слепо лице, Стив е лице со мобилна попреченост или инвалид итн итн. Нема да навлегувам за мојот став во однос на овие поими, бидејќи немам простор во една колумна. Но секогаш размислувам – нас, кои сме дефинирани како „лица без попреченост“ и не ни стои никаква претставка пред името, какви се поими и ставки можат нас реално да нè додефинираат. А има тука доста за зборување.

Многу веројатно би биле лица со „емотивна попреченост“ бидејќи не сме научени да разговараме за емоции, научени сме дека емоциите се слабост. Па поттиснувањето на емоциите ни влијае на нашиот раст и развој на секое поле. Или што би рекла сестра ми Ема – “Ти Јована си со ‘музикална попреченост’, појма немаш од фаќање ритам”. Многу од нас веројатно би имале и „сексуална попреченост“, бидејќи од мали ги покриваме очите на сцените со секс, од мали избегнуваме теми поврзани со нашата сексуалност, од мали учиме некои поблаги имиња за нашите полови органи – Коко, Кика, предна опашка, сурла, ранлив цвет итн. За случајно да не се„компромитираат“ децата да кажат нешто „срамно“ како пенис и вагина. Од мали учиме да се срамиме од нашите тела. Од мали учиме да се срамиме од „секс”.

Сепак на крајот она што важи за сите, со сите наши попречености е дека сме СЕКСУАЛНИ суштества. Односно сексуалноста е природна појава која носи свои предизвици во однос на нашето здравје, наметнатите улоги, дискриминацијата, стереотипите, предрасудите. Сексуалноста е онаа претставка која е неизбежна за сите без разлика дали сме сексуално активни или не. И токму до информациите поврзани со сексуалноста и предизвиците кои произлегуваат од неа, би требало да имаме пристап сите, без исклучок.

Состојби

Во нашето општество имам чувство дека темите за секс, заштита, сексуално преносливи болести, различни ориентации, родови улоги, контрацепција и несакана бременост како да ги затвораме во некои таму бездни каде што пристап може да добиеме само ако индивидуално ги поминеме сите нивоа на борба со срамот. Баш онака, ги замислувам како во видео игра. Херкулес се тепа со чудовиште и колку што глави му сече толку повеќе се појавуваат.Во таа смисла ние колку што срамови ќе исечеме со поставувањето на едно прашање, толку повеќе срамови ни се појавуваат поради реакциите на оние кои треба да ни одговорат.

Видеово баш ми ја отсликува реалноста https://www.youtube.com/watch?v=KIAgy6M9HuM

Реално ги оставаме нашите деца со или без попреченост да се борат во видео играта на срамот за да стигнат до информации кои, и тоа како, го засегаат нивното здравје и квалитет на живот.

Ако ние што сме дефинирани како лица без попреченост поминуваме нивоа на борба за да се отсрамиме и стигнеме до информации, тогаш замислете ги „нивоата“ кои треба да ги поминат лицата дефинирани како лица со попреченост! Посебно гледајќи од аспектот дека општеството ги сведува на „кревки суштества“, ги третира со сожалување и им наметнува потреба од „поголема заштита“ од вакви „срамни теми“.Колку „нивоа“ они треба да поминат за да ја „свртат” таа видео игра и се ослободат од срамот. Да го живеат својот живот ослободени од притисоци, градејќи врски, социјални и сексуални односи, знаејќи ги информациите кои го засегаат нивното здравје.

Еве нема да одам понатаму и да пробам да заклучам каде е проблемот. Ниту да го опишувам мојот гнев, како индивидуа, кон политиките на институциите и оние кои треба да ги креираат и имплементираат. Нема да говорам како некои претставници на МОН кои сè уште, во 2015 година, даваат примери дека некои родители несакале нивните деца да гледаат полови органи во учебниците па тоа било доволно сериозен аргумент дека сеопфатното сексуално образование не треба да биде дел од формалното образование. Еве ќе оставам одговорите на Цако, Флоренс и Ема да зборуват сами по себе. Ги прашав, како они се справуваат со пристапот до овие информации и како они ја играат видео играта на срамот.

Преглед на ставовите на Ема, Цако и Флоренс имајќи ги во предвид сите различни позадини и услови од кои овие млади доаѓаат.

Од каде добивате информации за сексот, кондомот, контацепцијата? Дали ви фалат информации слични на овие? Дали можеби се срамите да прашате нешто што ве интересира?

Ема: (посетувала настава во Македонија)

Информации за секс, кондом, контрацепција немав баш достапни во текот на моето растење. Сметам дека сме многу заостанати во однос на ова прашање. До скоро јас се срамев да поставам било какво прашање кое би се поврзало со оваа тема затоа што ми изгледаше како нешто недозволено и срамно. Сега знам дека не треба да се срамам и дека имам право да се информирам за се што ме засега. Не се раѓаме научени и некој треба да ни ги објасни оние работи кои го засегаат нашето здравје без разлика дали е тоа сексуално, репродуктивно или нешто друго. Се сеќавам кога пораснав се осеќав дека е срамота да прашам, затоа што со годините мислиш веќе дека треба да си информиран за тие работи, ама па како да си кога никој не ти објаснил таму каде што треба да те образуваат. Затоа сметам дека сексуалното образование е многу важно, за младите да знаат на кој начин да се заштитат и да избегнат несакани последици. Сепак, јас имав среќа, и благодарна сум им на оние кои ми помогнаа да ја надминам оваа бариера. Бев на работилници на ХЕРА, сестра ми ми даде на знаење дека можам се да ја прашам а и моите најдобри другарки не ме исмејуваа кога ми беше потребно да научам нешто повеќе. Но овие информации не треба да бидат оставени на среќа затоа што се многу битни за одлуките кои мораме да ги донесеме.

Цако: (посетувал настава во Македонија)

Во училиште немав никакви информации но имав среќа да јас лично ги добивам од НВО Х.Е.Р.А и нивниот центар во водно “Сакам да знам”. Сметам дека е потребно да се направи емисија на тв екраните за сексот. кондомот и контрацепцијата. Воглавно сметам дека има информации но е потребно повеќе да се слушне за оваа проблематика. Секако ако говориме за сексот и слична проблематика сега откако се информирав веќе не се срамам да си прашам.

Флоренс: (посетувала настава надвор од Македонија)

Научив се за контрацепција и сексуалното и репродуктивно здравје во училиште, но ако имам потреба од повеќе информации ги прашувам мојата постара сестра и мајка ми. Имам општи познавања за овие теми, но сметам дека треба да има повеќе достапни информации на интернет или пишани на памфлети. Се срамам да зборувам со момчиња на овие теми но не и со девојчиња. Иако ми прават да се чувстувам малку чудно, сепак не се срамам. (исто како и сестра ми).

Дали треба да ги оставиме децата да ги добиваат информациите за кондом, контрацепција, сексуално преносливи болести, несакани бремености на среќа на условите и нивните познанства? Дали треба да ги оставиме да пораснат со срам за на крај самите да стигнат до работилници кои ќе им помогнат да ги детабуизираат овие теми? Дали одлуките кои ги носат уште од најмлади треба да бидат тркало на среќата па ако најдат информација и се заштитат супер, ако не тогаш нивни проблем?

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG