Достапни линкови

Европа пост Шенген


Франција предлага Европската унија да ги заостри правилата за контрола на пасошите на граѓаните на Унијата кои влегуваат и излегуваат од Шенген зоната. Овој предлог е еден од неколкуте за спречување на опасноста од терористички закани. Има и барања за формирање мини Шенген зона.

Целта на новите мерки е да се спречат џихадистите кои се граѓани на некоја членка на Европската унија незабележено да се враќаат од Сирија или Ирак.

Мерките ја одразуваат и нетрпеливоста поради тоа што не е постигнат напредок во врска со согласноста што ја постигнаа лидерите на Унијата во февруари по нападот врз францускиот магазин Шарли Ебдо за построга контрола на пасошите на сите патници во Унијата.

Тогаш лидерите ги отфрлија француските барања за промена на правилата во Шенген зоната што ја сочинуваат 26 земји.

По последните терористички напади во Париз во кои загинаа 129 луѓе, а над 350 беа ранети Франција повторно бара ревизија на Шенген зоната која и онака се најде под удар откако некои влади воведоа различни контроли на нивните граници како одговор на големиот мигрантски и бегалски бран од Азија и Африка.

Овие земји, како што се наведува, имаат исти мислења и за финансиските и економските прашања во рамките на еврозоната и би го сочинувале не само пост Шенген просторот, туку и би формирале своевиден Северноевропски сојуз.

Францускиот премиер Мануел Валс изјави дека Шенген зоната ќе биде доведена под прашалник ако Европа не преземе соодветни мерки на границите.

Во моментов, полицијата на границите врши само визуелна проверка на пасоши на Европската унија, кога граѓаните на Унијата влегуваат или излегуваат од Шенген зона.

Франција е гласен критичар на Грција и на Италија поради нивниот неуспех во целосната проверка и документирање на стотиците илјади бегалци кои пристигнуваат преку Медитеранот.

Во меѓувреме, официјални претставници на Европската унија го минимизираа предлогот на холандските политичари за создавање на своевидна мини Шенген зона.

Имено, според некои наводи, холандската влада расправала за план за формирање помала верзија на Шенгенскиот договор за слободно патување.

Во новата зона би влегле само Холандија, Белгија, Луксембург, Германија и Австрија.

Според извештаите, холандската влада не била за таквиот предлог, туку за сојуз на земји со исти мислења, не само во врска со намалувањето на приливот на баратели на азил во Северна Европа.

Во овие земји расте популарноста на националистичките партии кои ја критикуваат Европската унија поради тоа како се справува со бегалската криза.

Овие земји, како што се наведува, имаат исти мислења и за финансиските и економските прашања во рамките на еврозоната и би го сочинувале не само пост Шенген просторот, туку и би формирале своевиден Северноевропски сојуз.

Иако ваквите дискусии засега немаат поголемо внимание во Брисел, сепак ја одразуваат загриженоста дека проблемите поврзани со миграцијата и безбедноста го поткопуваат слободното движење во Европската унија што за многумина е едно од клучните достигнувања на Унијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG